За време на наградната церемонија на претпоследната вечер од Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions 2023, беа доделни наградите во категориите: Brand Experience & Activation, Creative Business Transformation, Creative Commerce, Creative Effectiveness, Creative Strategy Lions, Innovation и Mobile Lions. На настанот исто така беа прогласени најдобрите регионални агенциски мрежи во светот за изминатата година.
Во категоријата Brand Experience & Activation Lions, посветена на креативното и сеопфатно градење на брендовите преку искуствени и имерсивни активности кои ги ангажираат потрошувачите, се пријавиле вкупно 2226 кампањи. Жирито одлучи да додели 69 „лавови“, и тоа: 11 златни, 25 сребрени и 32 бронзени награди, додека пак главната Grand Prix награда беше доделена за кампањата „FIFA 23 X TED LASSO“ на EA Sports и Apple, создадена од нивните in-house креативни тимови.
Во категоријата Innovation Lions, што ги слави револуционерните иновации, технологии и решенија на проблеми, биле прифатени 152 апликации, а 6 кампањи се закитија со: 1 златен, 1 сребрен и 3 бронзени „лавови“, како и едно Grand Prix кое беше доделено за кампањата „MouthPad^“ од Wunderman Thompson Lima за Augmental San Francisco.
Во категоријата Mobile Lions се пријавиле вкупно 348 проекти, од кои 12 беа наградени од жирито со: 2 златни, 3 сребрени и 6 бронзени награди, како и едно Grand Prix кое беше доделно за кампањата “World Cup Delivery” од GUT Buenos Aires за клиентот PedidosYa.
Славејќи го мерливото влијание на креативното творештво, во категоријата Creative Effectiveness Lions биле прифатени 289 кампањи, а жирито додели 16 награди: 3 златни, 5 сребрени и 7 бронзени „лавови“, како и едно Grand Prix за кампањата „Shah Rukh Khan-My-Ad“ од агенцијата Ogilvy Mumbai за Mondelez.
Во категоријата Creative Strategy Lions се пријавиле 774 кампањи, а на синоќешната наградна церемонија беа доделени 25 „лавови“: 4 златни, 8 сребрени и 12 бронзени, како и Grand Prix за кампањата „Renault – Plug-Inn“ на автомобилскиот бренд Renault, создадена од Publicis Conseil Paris.
Во категоријата Creative Business Transformation Lions, што ја слави креативноста што го поттикнува развојот на бизнисите, биле прифатени 251 кампањи. Жирито одлучи да додели 10 награди, и тоа: 2 златни, 3 сребрени и 4 бронзени „лавови“, како и Grand Prix за кампањата „ADLaM – an Alphabet to Preserve a Culture“ на Microsoft, создадена од McCann New York. Ова е второ Grand Prix за оваа кампања на овогодинешното издание на фестивалот.
Во категоријата Creative Commerce Lions се пријавиле 467 кампањи, а 17 од нив добија награди: 4 златни, 4 сребрени и 8 бронзени „лавови“, како и едно Grand Prix доделено за кампањата „The Subconscious Order“ од агенцијата Wunderman Thompson Riyadh за клиентот HungerStation. Ова воедно претставува прва Grand Prix награда за агенција од Саудиска Арабија.
На настанот беа прогласени и најдобрите агенциски мрежи по региони, и тоа:
Регионална мрежа на годината – Азија
- Dentsu
Регионална мрежа на годината – Европа
- DDB Worldwide
Регионална мрежа на годината – Блиски Исток и Северна Африка
- BBDO Worldwide
Регионална мрежа на годината – Латинска Америка
- GUT
Регионална мрежа на годината – Северна Америка
- FCB
Регионална мрежа на годината – Пацифик
- BBDO Worldwide
Регионална мрежа на годината – Суб-сахарска Африка
- Ogilvy
Повеќе информации за доделените награди, како и за меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions, можат да се најдат на официјалната веб-страница canneslions.com.