На четвртиот ден од меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions беа доделени наградите во категориите “Direct Lions”, “Media Lions”, “Creative Data Lions”, “PR Lions”, “Social & Influencer Lions”, како и во новата категорија “Creative B2B Lions”. Исто така беше прогласена „Медиската мрежа на годината“, а беа доделени и две специјални награди.
Во категоријата “Creative B2B Lions” се пријавиле вкупно 415 кампањи, а 14 од нив биле наградени со: 3 златни, 4 сребрени и 6 бронзени награди. Главната Grand Prix награда беше доделена на кампањата “Speaking in Color” од Wunderman Thompson Minneapolis за клиентот Sherwin-Williams Coil Coatings.
За наградите во категоријата “Creative Data Lions” се бореле вкупно 328 кампањи, а 13 од нив освоиле „лавови“: 3 златни, 3 сребрени и 6 бронзени. Притоа, Grand Prix наградата била доделена на кампањата “Data Tienda” од DDB Mexico за клиентот We Capital.
Во категоријата “PR Lions” се пријавиле вкупно 1,488 кампањи, а жирито одлучи да додели 49 награди: 7 златни, 17 сребрени и 24 бронзени. Grand Prix наградата беше доделена на кампањата “The Breakaway: The First Ecycling Team For Prisoners” од BBDO Belgium за клиентот Decathlon. Ова е втора Grand Prix награда за оваа кампања на годинешниот фестивал, по претходното освојување на главната награда во категоријата “Creative Strategy Lions”.
Во категоријата “Social & Influencer Lions” се пријавиле вкупно 1642 кампањи, а 50 од нив биле наградени со: 6 златни, 17 сребрени и 26 бронзени награди. Grand Prix наградата беше доделена на кампањата “The Unfiltered History Tour” за VICE Media од Dentsu Creative, Bengaluru / Dentsu Creative, Mumbai / Dentsu Creative, Guragaon. Ова е воедно третата Grand Prix награда која ја освојува оваа кампања на овогодишното издание на Канскиот фестивал. Претходните две Grand Prix награди беа освоени во категориите “Radio & Audio Lions” и “Brand Experience & Activation Lions”.
Во категоријата “Direct Lions” се пријавиле вкупно 1931 кампањи, а жирито додели 55 награди: 7 златни, 20 сребрени и 27 бронзени. Grand Prix наградата беше доделена на кампањата “Less Talk, More Bitcoin” од Accenture Song за клиентот Coinbase.
Во категоријата “Media Lions” се пријавиле 1752 кампањи, а на наградната церемонија беа доделени 57 „лавови“: 9 златни, 19 сребрени и 28 бронзени. Втор Grand Prix на овогодишниот фестивал овои кампањата “Hope Reef’” од AMV BBDO за Mars Petcare. Кампањата претходно освои Grand Prix во категоријата “Industry Craft Lions”.
На наградната церемонија исто така беше доделена и титулата “Медиска мрежа на годината 2022”, која му припадна на агенциската мрежа OMD Worldwide. На второ и трето место се најдоа MediaCom и StarCom, соодветно.
На настанот беа доделени и две специјални награди. Наградата „Лавовско срце“ беше доделена на Malala Yousafzai, пакистанска активистка за женско образование и лауреат на Нобеловата награда за мир.
Втората специјална награда беше доделена за “Личност на годината од забавната индустрија”, која му припадна на Ted Sarandos, ко-генерален извршен директор на Netflix.