Со цел да се допре до што е можно поголем број гледачи, наградната церемонијата на Epica Awards и оваа година ќе се прикажува онлајн во живо. Настанот ќе се одржи на 8 декември во 18 часот по средноевропско време и ќе се пренесува на Linkedin и Youtube.
Линковите за следење на наградната церемонија се достапни ТУКА.
Приклучете се за да ги видите сите кампањи кои ќе освојат Grand Prix или златна награда, како и извадоци од дебатата на жирито за Grand Prix наградата во Лондон. Добитниците на сребрени и бронзени награди ќе бидат објавени на веб-сајтот на Epica Awards веќе следниот ден, 9 декември.
Сите победници беа избрани по внимателна анализа на уникатното жири на фестивалот составено од водечки новинари од специјализираните медиуми.
Претседател на жирито оваа година е Дејвид Гринер, поранешен меѓународен уредник на Adweek и ко-основач на непрофитната организација Creative Ladder, која има за цел да воведе поголем диверзитет во рекламната индустрија.
Уредничкиот директор на Epica Awards, Марк Тунгејт, изјави: „Во последниве години откривме дека настанот што се пренесува во живо е ефикасен и демократски начин да се допре до голема публика, дозволувајќи им на сите што гледаат да ги прослават победничките дела заедно со нас. Затоа, на големиот ден, ве молиме слободно да си земете столче, да се наместите удобно – и да ја впиете инспирацијата“.
Од 1987 година, наградите Epica се оценуваат исклучиво од новинари кои се специјалисти во својата област, обезбедувајќи вредна ПР изложеност, а истовремено обезбедувајќи објективност. Однапред им честитаме на сите победници.