Францускиот бренд на газирана минерална вода Perrier ја лансираше својата нова глобална кампања насловена “Feel the Flavor” („Почувствувајте го вкусот“), со која компанијата „ги кани потрошувачите да го прифатат она што го прави нивниот живот најживописен“.
Во централниот спот на кампањата, глеваме жена со блуза во лимета боја и светло зелена шминка за очи како отвора лименка Perrier со вкус на лимета. Откако ќе испие една голтка, таа се соочува не само со вкусот, туку и со целосното сетилно искуство кое го носи водата – „како милион бакнежи на лимета“, како што вели нарацијата. Спотот го евоцира чувството дека пиењето на водата Perrier со нејзините различни вкусови е светло, освежувачко и воодушевувачко искуство.
Кампањата е планирано да продолжи да трае и да биде надоградувана и во текот на 2023 година, а ќе се комуницира преку дигитални, социјални, комерцијални и искуствени канали.
Компанијата, напоредно со лансирањето на кампањата, отпочнува и нова партнерска програма со која ги повикува креаторите на содржини кои „пркосат на очекувањата и внесуваат возбуда во нашите животи“ да земат активно учество.
Кампањата се реализира со помош на агенцијата Weber Shandwick и продукциското студио Gang Films.