Нема сомнеж дека пакувањата од брза храна често може да се видат по улиците, паркинзите, парковите и патиштата. Брендот за брза храна McDonald’s е целосно свесен за својата улога во ваквото загадување, па реши да направи искрена кампања за грдата страна на нивните пакувања.
Насловена “Take Away Your Take Away”, или „Подигнете си го ѓубрето од оброкот за подигнување“, кампањата наменета за норвешкиот пазар претставува серија од постери кои прикажуваат пакувањата од оброци на McDonald’s кои се едноставно фрлени на несоодветни места.
„За жал, премногу од нашите пакувања завршуваат на улиците. Сега ги правиме нашите најголеми напори досега и ќе чистиме уште повеќе отколку што веќе правиме. Но, не можеме да го постигнеме сето тоа и треба сите да придонесат. Ве молиме, не заборавајте да го фрлате вашето ѓубре во канта следниот пат кога ќе купите некој оброк за подигнување од нас“- стои на постерите од McDonald’s.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Nord DDB, додека пак прикажаните фотографии се дело на Јол Кјартанс.