Владејачката турска партија за правда и развој поднесе предлог закон со кој на власта ќе и` се овозможи поголема контрола на социјалните медиуми, пренесува Асошиејтед Прес и наведува дека опозицијата стравува дека овој потег може да доведе до поголема цензура во земјата
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ја зајакне контролата над социјалните медиуми, по серијата твитови со кои се навредуваа членови на неговото семејство. Поради овие објави, најмалку 11 лица беа притворени за сослушување.
Предлог-законот доставен до собранието ќе ги принуди компаниите со повеќе од милион корисници во Турција, како Твитер, Фејсбук и ЈуТјуб, да воспостават формално присуство или да назначат претставник во земјата со цел да поднесат одговорност пред турските власти како правни лица и даночни обврзници.
Компанијата или неговиот претставник, исто така, ќе имаат обврска во рок од 48 часа да одговорат на поплаките за постовите кои ги кршат приватноста и личните права на другите.
Доколку законот биде усвоен, компаниите треба да изберат свој претставник во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на законот, или ќе се соочат со парични казни и намалување на протокот на брзина на податоци до 90 проценти.
Опозицијата стравува дека планот на владата има за цел понатамошно ограничување на пристапот до социјалните мрежи.
Илјадници веб-страници веќе се блокирани во Турција, додека најмалку 76 новинари и други медиумски работници се во затвор.
Разгледувањето на законот е најавено за следната недела. Предлогот се очекува да биде усвоен, благодарение на гласовите на владејачката партија и нејзините сојузници.