Само неколку дена пред почетокот на Зимските олимписки игри 2022, кои ќе се одржуваат во Пекинг од 4 февруари, Меѓународниот олимписки комитет го објави официјалниот промотивен спот за игрите.
Краткиот филм го одразува односот помеѓу спортистите и нивните поддржувачи. Имено, во спотот гледаме колаж од сцени кои прават паралела помеѓу движењата на зимските спортисти и нивните фанови кои ги имитираат тие движења во разни секојдневни ситуации.
„Секое издигнување, секое паѓање, секоја победа – заедно сме во сето тоа!“ – е главната порака на спотот, кој се надоградува на глобалната олимписка платформа #StrongerTogether („Заедно сме посилни“).
Нарацијата во спотот ја остварува олимписката медалистка Линзи Вон, додека пак режисер е Саломан Лајтхелм. Промотивниот спот е создаден во сорабока со агенцијата Uncommon Creative Studio.