Божиќ може да ги возбуди сите, што е нормално добра работа. Но, за „Возбудениот Едгар“, тоа понекогаш може да претставува проблем, со оглед на тоа дека неговата возбуда може да запали сé што ќе излезе пред него.
Едгар е најновата празнична ѕвезда, создаден од агенцијата adam&eveDDB за британскиот ланец на стоковни куќи John Lewis, кои оваа година се одлучија за заедничка реклама со својата сестринска компанија – ланецот супермаркети Waitrose & Partners.
Рекламата на John Lewis е традиционално една од најочекуваните за време на британската празнична сезона, со претходни верзии кои вклучувале слатки ликови како пингвинот Монти и „чудовиштето“ Моз. И овогодинешниот спот нé запознава со меморабилниот лик на змејот Едгар, кој со соочува со потешкотии да земе учество во Божиќните активности на неговиот средновековен град, „благодарение“ на неговата одлика насекаде да блуе оган.
„Задоволен сум што нашите два брендови се здружија оваа година за заедничка Божиќна кампања,“ истакнува Крег Инглис од John Lewis & Partners, додавајќи дека „Сé започна од една искра на идеја – возбудата на малечко змејче за претстојниот Божиќ – и прерасна во приказна за тоа како некој го прави тој дополнителен чекор за својот најдобар пријател да го добие вистинскиот поклон. Се работи за забавна, топла приказна која ќе резонира со нашите потрошувачи во нивната потрага за совршените подароци за своите сакани овој Божиќ.“
Спотот е режиран од страна на Дугал Вилсон, чие богато портфолио на широкопризнати реклами вклучува и неколку претходни спотови за John Lewis. Музиката од рекламата е преработка на псената “Can’t Fight This Feeling” од REO Speedwagon, препеана од Ден Смит од рок бендот Bastille.