Мултинационалниот пивски гигант AB InBev ја претстави новата реклама за брендот Budweiser, која треба да се емитува на 9 февруари за време на најголемиот спортски настан во САД – финалето на националната фудбалска лига, познат како Супер Боул.
Рекламата, насловена „First Delivery“ („Прва достава“), прикажува младо ждребе кое е оставено само додека останатите коњи одат да доставуваат пиво. Меѓутоа, кога едно од бурињата ќе падне од кочијата, осаменото ждребе ја прескокнува оградата и почнува да го турка низ разни предизвици, конечно доставувајќи го до предвидената локација – и тоа пред другите.
Спотот е проследен со песната „Let Your Love Flow“ на американското кантри-поп дуо Дејвид и Хомер Белами, објавена во далечната 1976 година. Интересно е да се посочи дека ова е 47-та реклама на Budweiser по повод Супер Боул во која се појавуваат коњи од расата Клајдсдејл, инаку препознатлив симбол на пивскиот бренд.
„Наследството на Budweiser поврзано со Супер Боул е важен дел од историјата на брендот и низ децениите обезбедивме место во срцата на милиони фанови со нашите незаборавни ликови, повторливи фрази и емотивни реклами. Со помош на нашите сакани Клајдсдејл-коњи и одлучното ждребе, овогодинешната реклама ја доловува нашата посветеност да испорачуваме за потрошувачите од 1876 година, наздравувајќи за сите оние кои го вложуваат потребниот напор за да ги постигнат своите цели, и покрај сите пречки на патот“ – истакнува Кристина Пунвани, директорка за маркетинг на Budweiser за американскиот пазар.
Рекламата е создадена во соработка со креативната агенција FCB New York, а режирана од страна на Хенри Алекс Рубин.