„Празниците доаѓаат“ („Holidays Are Coming“) е можеби една од најпознатите Божиќни кампањи на сите времиња, која континуирано се емитува секоја празнична сезона од 1995 година наваму. Овој пат, Coca-Cola создаде „осовременета“ верзија на популарната реклама, целосно генерирана со помош на вештачка интелигенција.
Новата AI верзија од 15 секунди е многу слична на оригиналот од 1995 година, со истата препознатлива музика, конвој од камиони и снимки од зимски пејсажи. Меѓутоа, во оваа верзија, потрошувачите пијат Coca-Cola Zero Sugar, а прикажаните ликови се поразновидни отколку во оригиналот.
Европскиот маркетинг директор на Coca-Cola, Хавиер Меза, за магазинот Marketing Week објаснува дека целта не им била да ја искористат вештачката интелигенција сама по себе, туку сакале да ја адаптираат популарната реклама на современото време, а вештачката интелигенција се наметнала како соодветно и „ефикасно“ решение за тоа, кое истовремено заштедува време и пари.
Бидејќи од компанијата го препознаваат значењето на оваа празнична кампања, која станала составен дел од празничното искуство на многу луѓе низ годините, новата верзија со вештачка интелигенција била претходно тестирана со фокус група на потрошувачи кои за неа дале позитивни коментари, така поттикнувајќи го брендот да продолжи со имплементацијата на идејата.
Coca-Cola исклучително сериозно го сфаќа потенцијалот на генеративната вештачка интелигенција во својот бизнис, усвојувајќи ги новите технологии со „двојна брзина“ за нивно имплементирање во рамки на организацијата.