Посетителите на трговскиот центар Field во Копенхаген, Данска, имаа несекојдневна можност да ја видат новата фантастична и хипер-реалистична тродимензионална реклама која ја промовира играната серија „Тинка и огледалото на душата“ („Tinka og sjælens spejl“) на каналот TV2.
Серијата ја раскажува фантастичната приказна за Тинка, која е полу-човек, полу-елф, а егзистира помеѓу светот на луѓето и митските суштества на данскиот фолклор. Рекламата прикажува кратка секвенца во која ликот на Тинка бега и се крие од опасен трол, а притоа привремено ја губи својата препознатлива капа.
Оваа реклама се разликува од вообичаените тродимензионални реклами кои станаа глобален тренд оваа година по тоа што ликовите не се компјутерски генерирани, туку вистински луѓе снимени врз зелено платно, а потоа уредени за „природно“ да се вклопат во секаква околина – на тој начин добивајќи ја исклучителната хипер-реалистичност.
Рекламата е создадена со помош на студиото Armstrong Film и креативниот оддел на TV2. Сопственици на огласувачки простор се Ocean Outdoor од Шведска, а закупот е реализиран со помош на агенцијата PhD.