Агенцијата The & Partnership Лондон и Lexus лансираа кампања за новиот модел Lexus ES, под назив “Driven By Intuition“. На прв поглед, рекламата изгледа како многу други во автомобилската индустрија. Впечатлив крупен план на некои детали на автомобилот, пуст пат на карпата покрај морето, импресивна технолошка сценографија во комбинација со сцени од природата, брзината и звукот на моторот …
Но, постои едно нешто што ја прави оваа реклама многу поразлична од другите, кои се слични само на изглед со неа- сценариото е напишано од вештачка интелигенција.
“Driven By Intuition“ има за цел да ја нагласи традицијата на брендот Lexus кој е секогаш на чело на технолошките иновации, тестирајќи ги границите на луѓето и машините кои работат заедно, што е основа на идејата за користење на вештачката интелигенција за нова кампања.
Истражувајќи ја важноста на интуицијата помеѓу човекот и машината, кампањата има за цел да ги претстави уникатните сензорни опции на новиот модел Lexus ES, кој интуитивно реагира на намерите на возачот и променливите услови за возење.
Во овој дух, сценариото за рекламата го напиша првиот “креативец со вештачка интелигенција“ на агенцијата The & Partnership. Се работи за специјализиран автоматизиран сценарист, кој агенцијата го изгради во соработка со компанијата Visual Voice.
Но, изработката на системот со вештачка интелигенција бара многу работа, па во неговата изградба е користен и систем за визуелно препознавање од IBM Watson, а “обучен” е преку проучување на 15-годишната историја на фестивалот Cannes Lions, односно рекламите за автомобили и луксузни производи кои имаат освоено награди на овој фестивал. Ова е потпомогнато и со податоците за емоционалната интелигенција од компанијата Unruly, со помош на кои вештачката интелигенција научила како да создаде моменти кои што ќе предизвикаат реакција кај гледачот.
Потоа системот е истрениран и во областа на интуицијата, преку специјален експеримент кој за агенцијата The&Partnership го креираа научниците на MindX со седиште на Универзитетот на Нов Јужен Велс. Истражувањето покажа што е она што го прави некој интуитивен, како и начинот на кој луѓето со висок степен на интуиција реагираат на реклами за автомобили.
Вештачка интелигенција потоа, подготви сценарио за кампањата: наратив богат со човечки емоции, кои не можат да се разликуваат од нешто што би го напишал човекот, со некои неочекувани детали. На пример, вештачката интелигенција му даде на автомобилот чувство на свесност и изненадувачка емоционална длабочина. Ова е случај каде што една машина ја раскажува приказната за друга машина која станува жива. Во секоја линија на сценариото, вештачката интелигенција има развиено и многу детални инструкции, обезбедувајќи референци кои се потпираат на победничките реклами во текот на 15 години, кои системот ги проучил за да се обезбеди ефикасност на секој детал од приказната.
Некои од клучните откритија кои вештачката интелигенција ги препозна како клуч за совршена реклама за автомобил се: автомобилот воопшто не мора да вози, освен ако не е дел од приказната; возењето треба да биде споредно во приказната; ликовите во приказната треба да имаат емоционална основа, на пример, сопруг или татко, а не возач или инженер; користењето на децата помага да се зголеми емоционалноста на рекламата. Покрај тоа, силните изрази на лицето помоќно комуницираат од силните јазични изрази; рекламите се најефективни тогаш кога употребата на изговорените зборови е ограничена; употребата на пресврт во приказна е важно за да се развие приказната и да се задржи интересот; овај пресврт треба да вклучи неочекуван настан, како што е пад или избегната несреќа.
Резултатот е необична и привлечна кратка драма: едноминутен филм кој раскажува за јапонскиот инженер на Lexus, кој по напорна работа на новиот модел Lexus ES го испраќа автомобил во светот. Но, автомобилот бил киднапиран и речиси уништен. Сепак, во клучниот момент, автомобилот се буди за да го избегне сопственото уништување во еден тест на несреќа, покажувајќи ги инженерските решенија и дизајнот на најинтуитивниот модел на Lexus.
Сценариото е оживеано во рацете на оскаровецот Кевин Мекдоналд (Последниот крал на Шкотска”, “Витни”, “Еден ден во септември”).
Дејв Бедвуд, креативен партнер во The & Partnership Лондон, изјави: “Мислев дека ќе напишам реклама со помош на вештачка интелигенција. Наместо тоа, вештачката интелигенција презеде сè и го напиша целото сценарио. Една машина ја раскажува приказната за машина која оживува. Многу други работи кои претходно ги создаде вештачката интелигенција се интересни поради самиот процес. Ова беше фасцинантно – можеби дури и застрашувачко – бидејќи крајниот производ е навистина добар “.
Винсент Табел, висок менаџер на брендот во компанијата Lexus Европа, изјави: “Ние во Lexus сакаме да ги поместуваме границите на технологијата и дизајнот и затоа сакавме да направиме нешто сосема поинакво – први во светот – со цел да го лансираме новиот Lexus ES. ES е и интуитивен и иновативен, па сакавме рекламата да го одразува токму тоа. Резултатите од спотот ги надминуваат нашите очекувања за она што вештачката интелигенција е способна, од нејзината креативност до човечките емоции “.