Технолошкиот гигант Alphabet, во чија сопственост се Google и YouTube, ги објави финансиските резултати за третото тромесечје на годината.
Според нив, вкупните приходи на компанијата пораснале за 6% во однос на една година претходно, достигнувајќи 69,1 милијарда долари. Компанијата сепак забележала намалување на растот во однос на претходното тромесечје, кога тој изнесувал 13%.
Нето добивката на Alphabet во третото тромесечје изнесувала 13,9 милијарди долари, што претставува пад за 26,5% во споредба со истиот период минатата година.
Огласите на пребарувачот Google на компанијата ѝ донеле приход од 54,5 милијарди долари, што претставува раст од 2,4% во споредба со минатата година.
Од друга страна, пак, приходите од огласување на видео-платформата YouTube изнесувале 7,1 милијарда долари, што преставува пад од 1,4% во однос на истиот период минатата година.
Компанијата посочи дека огласувачите го намалуваат трошењето на YouTube како резултат на неповолната економска клима на глобално ниво.
Веднаш по објавувањето на релативно неповолните финансиски резултати, акциите на Alphabet паднале за 7%.