Многу ќејф ни прават македонските стартапи како Termin.mk, кои за своето место на пазарот “се тепаат“ со креативни пристапи и иновативни идеи. Дека се паметни во својата маркетинг комуникација научивме уште пред една година кога пишувавме за нивната кампања “Среќни Коверти“ со која го најавија својот почеток (прочитајте за кампањата на овој ЛИНК), а деновиве сме сведоци и на нивната нова кампања која предизвика поприличен buzz на социјалните мрежи.
#СакамПлико е последната промо кампања од тимот на Termin. Овој пат, нивна целна група се идните брачни парови. Земајќи во предвид дека најчестиот одговор на младенците на прашањето “Што сакате за поклон?” е “Поклон во плико” од Termin се решиле на илустративен начин да ја пресликаат свадбата кога се во прашање гостите и нивните поклони и истовремено да ги наградат нивните корисници со омилениот поклон. Па така, низ трите стандардни типа на гости: кумот, другарите и оние кои појма немате кои се и ги гледате прв пат на вашата свадба, излегоа: Сакам #ПликоКуме, Сакам #ПликоПеер и Сакам #ПликоЗадњаМаса.
Секое од пликоата со вредност од 300€, 150€ и 50€ соодветно го илустрира свадбениот поклон на 21-от век на една просечна македонска свадба. За да се стекнете со право на учество во оваа промоција, треба преку Termin.mk да испратите електронско барање за термин во еден од рестораните кои тие ги имаат на веб и потоа да извршите резервација во самиот ресторан. Детално за промоцијата е објаснето тука. Па ако сте и вие од оние кои милуваат поклон во плико, зошто да не ја дополните вашата свадбена кутија со уште едно плико плус? :)
Брендот Termin од неодамна започна со работа и на српскиот пазар, под брендот Termin.rs. Нивна прва лансирана област во Србија се токму свадбите, како најуспешна област во Македонија. Од Termin.mk наскоро ја најавуваат и мобилната апликација која во својата прва фаза ќе донесе дополнителни вредности и функционалности за самите локации – соработници на Termin, a во наредните фази не ги изоставуваат ни крајните корисници.