Најдобрите приказни започнуваат во моментот на препознавањето на идејата и желбата да се направат промени. Иако промените се единствената сила пред која „и боговите молчат“, сепак е подобро кога се насочени, кога им се дава тек и се прават според сопствените норми и правила. Само тогаш можат да застанат на посакуваната страна и да почнат да ја раскажуваат приказната.
Знаејќи ги овие закономерности, Комерцијална банка АД Скопје влезе храбро во нова корпоративна кампања, во која главната улога едноставно им ја отстапи на луѓето полни со емпатија и разбирање. Оваа моќна кампања (прва од овој вид по подолго време), ја покажува Комерцијална банка во едно сосема ново светло, во какво што досега не сме ја виделе, што повторно го докажува напорот промените да бидат насочени кон создавање нови вредности, а никако кон ентропија.
Комерцијална банка се ребрендира на сите нивоа – редизајнирано лого, модернизирани филијали, нова веб-страница, нов слоган и нов корпоративен спот – сериозна промена, токму онаква каква што бара овој храбар, нов свет.
И кога веќе правиме анализа, тогаш да почнеме со ред: добропознатото лого добило нови и елегантни линии – според најновите дизајнерски насоки; филијалите се дигитализираат, веб-страницата е креирана максимално да им олесни на клиентите, а слоганот ја кажува насоката во која Комерцијална банка се движи – ПОЛЕСНО Е ЗАЕДНО.
„Комерцијална банка е наша банка за наши луѓе и бидејќи потекнува и работи тука веќе 66 години, лесно ги препознаваме и вреднуваме културните специфики на нашите луѓе, според кои, и ние се обликуваме. Затоа ни е полесно да им излеземе во пресрет на сите нивни потреби и проекти“. Евидентно е дека ова е приказната која стои зад сѐ што може да се види во новата корпоративна кампања на Комерцијална.
Носечки елемент на кампањата е корпоративниот спот, кој кореспондира со пораката ПОЛЕСНО Е ЗАЕДНО. Всушност, спотот и не е спот, туку визуелизирани емоции на луѓе кои се околу нас, кои секојдневно ги среќаваме и со кои разменуваме насмевки и искрено добро утро. Тоа се нашите соседи, пријатели, роднини и родители „фатени“ во своите секојдневни животни случки. Тоа се луѓе кои се познаваат со поглед, кои ги препознаваат туѓите желби и потреби. Луѓе на кои Банката дава несебична поддршка во сите нивни идеи секогаш кога мислат да направат подобро утре за себе и за најблиските.
Тука е дедото кој му ја пренесува традицијата на својот внук, кажувајќи му ги „тајните“ на добриот мед, мајката која го поддржува синчето што гори од желба да стане рок-ѕвезда, ќеркичката што станува примабалерина поради силните раце на таткото, риболовците чиј ден е посреќен затоа што заедно го делат уловот, работниците кои успешно ја завршуваат работата затоа што знаат кога да притрчаат на помош… и уште ред слики кои ја докажуваат вистината дека секој проблем станува минорен кога се споделува со вистинските пријатели кои ја ценат довербата и кои се полни со разбирање.
Згора на сѐ, сите сцени музички се поткрепени со еден од најголемите македонски евергрини, „Како Вардар ќе дотечам“, отпеани од бардот на македонските шлагери – Зафир Хаџиманов, како уште една потврда на почитта кон традицијата и македонските вредности.
Одлично осмислена корпоративна кампања создадена од креативниот тим на ЕПП Комјуникејшнс и Комерцијална банка, на која ѝ посакуваме да трае и да инспирира. А веруваме дека ќе го направи тоа затоа што и самата е вдахновена од наши луѓе и вистински животни ситуации.
Секоја чест, екипо!