Од своето воведување на менито во 1967 година, хамбургерот Биг Мек на McDonald’s прерасна во еден од најпопуларните артикли на брза храна во светот. Тој е толку популарен што, всушност, има добиено економски индикатор именуван по него и музеј посветен на неговиот историјат. Но, и покрај овие импресивни признанија, има едно нешто што другите „славни личности“ го имаат, а Биг Мек го нема – автограм.
Со цел да ја исправи оваа „неправда“, McDonald’s во Шведска ги покани своите фанови да го создадат автограмот на Биг Мек заедно. Вкупно 256.000 луѓе, преку мобилната апликација на брендот, понудиле своја верзија на тоа како треба да изгледа автограмот – во замена за бесплатен Биг Мек.
Сите предлози потоа биле „нахранети“ во генератор со вештачка интелигенција кој што, врз основа на илјадниците потписи, создал еден единствен автограм за Биг Мек. Бидејќи самиот Биг Мек нема раце за да потпишува, тоа во негово име го прави роботска рака специјално испечатена во 3Д за оваа намена.
„На нашиот иконичен Биг Мек не му треба претставување – мислам дека е добро познат како и самиот McDonald’s. Забавно е што толку многу фанови се здружија за да создадат автограм за нивниот омилен хамбургер. На крајот сѐ испадна како што треба и мислам дека ќе биде многу ценето од љубителите на Биг Мек во Шведска и остатокот од светот“ – вели Сузана Волберг, бренд менаџер на McDonald’s за шведскиот пазар.
Кампањата е осмислена и реализирана во соработка со креативната агенција Nord DDB.