Македонските добавувачи да ги зголемат маркетинг активностите, да тропнат на вратата на секој странски инвеститор и да кажат што имаат да понудат. Секоја врата на која ќе тропнат, ќе им биде отворена, рече денеска претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија Штефан Петер, инаку Претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“
Петер на прес-конференција истакна дека секој странски инвеститор во Македонија има интерес да соработува со локалните добавувачи зашто тоа му е поевтино, побрзо и поефикасно.
–Во оваа смисла има многу предности што треба да се зграбат, но, секако, само ако се нуди квалитет.
Негова оцека е дека годинава соработката на странските компании со македонските е подобрена, но се очекува да биде уште поголема во 2019-та.
Г-дин Петер исто така најави дека на 12 декември ќе биде промовирано новото издание на Белата книга на членките на Советот на странски инвеститори, како и дека во првата половина на наредната година ќе продолжи праксата талентирани ученици од средните школи да се среќаваат на еден ден со успешни бизнис менаџери.
Петер на прес-конференцијата соопшти и дека во рамки на Советот на странски инвеститори е формирана Асоцијација на странски компании со технолошки напредно производство, а за нејзин претседател е назначен актуелниот директор на „Костал“ и поранешен директор на Дирекцијата за технолошки развојни зони Виктор Мизо.