Еден од најпопуларните македонски портали, CRNOBELO.com, разви сопствена платформа за изработка на интерактивни квизови. Станува збор за алатка со која брзо и лесно можат да се изработуваат интерактивни квизови. Иницијално пуштени се 2 типа на квизови со план и стратегија на надградба на алатката за дополнителни типови.
“Идејата е да се изработуваат квизови кои ќе имаат едукативен и забавен карактер. Самиот изглед и нивната едноставност се со цел да придонесат кон што поголема интерактивност и ангажман на самите посетители“ – ни изјави основачот на CRNOBELO, Г-дин Игор Поповски и надополни “За почеток беа објавени 2 пробни квизови со цел да се тестира целото функционирање на алатката со голем број на корисници. Со задоволство можеме да соопштиме дека за само 24 часа првиот објавен квиз покажа огромен интерес на публиката и беше „решен“ преку 9.000 пати“.
“Во наредниот период планот е да се изработува специфична, локално ориентирана содржина која ќе биде презентирана преку овој формат на квизови. Ќе се прави баланс од едукација и забава, бидејќи како и со останатите содржини, целта на CRNOBELO.com е да нуди корисни и употребливи содржини“ – изјави Поповски
После лансирањето кон крајот на 2014-та на комплетно новите Android и iOS апликации, ова е уште еден чекор преку кој CRNOBELO.com се издвојува како сајт и ќе понуди тип на содржини кои до сега не постоеле во македонскиот веб етер.
Порталот и во иднина ќе продолжи да инвестира во нови и иновативни начини на презентација на содржините, со цел поголема интеракција со своите посетители, како и продолжување на постојаниот раст на посетители.