Американските медиуми објавија дека портпаролот на Белата Куќа, Џен Псаки, е во напредна фаза на разговори со кабелската телевизија MSNBC за приклучување кон нивниот тим.
Според едни, Псаки ќе се приклучи на телевизијата по завршувањето на претседателскиот мандат на Џо Бајден, додека пак според други – тоа може да се случи уште следниот месец.
Иако деталите околу нејзината улога во телевизијата сé уште се дискутираат, се шпекулира дека таа ќе води сопствена емисија на MSNBC, како и на струминг-сервисот Peacock, кој потпаѓа под истата матична компанија NBCUniversal. Таа исто така редовно би се појавувала како гостин на други емисии на MSNBC и на NBC News.
Иако вработувањето на портпарол на американскиот претседател во телевизија по завршувањето на мандатот не би било ништо необично, доколку тоа се случи во текот на мандатот би значело преседан.
Токму поради тоа, портпаролот Џен Псаки се соочи со тешки прашања за време на последниот брифинг со новинарите во Белата Куќа, во однос на етичноста и моралноста на таквиот потег. Псаки одби да даде конкретен одговор, посочувајќи дека сите вработени во Белата Куќа разговараат со посебен етички совет во врска со нивните идни вработувања.
Во секој случај, капиталистичката реалност е дека Џен Псаки би заработувала многу повеќе пари преку мултимилионски годишен договор со кабелската телевизија MSNBC, отколку да остане во извршната власт на најмоќната држава во светот.