Британскиот бренд на шеќерен сируп Lyle’s Golden Syrup го најави своето прво ребрендирање по дури 140 години! Брендот препознатлив кај британската јавност по илустрацијата на мртов лав од кој излегуваат пчели конечно се одлучи да примени посовремен визуелен идентитет.
Оригиналната амбалажа, со слоганот “Out of the stinging came forth sweetness” („Од убодот прозилезе сладост“), била инспирирана од познатата библиска приказна за Самсон, кој што пронашол мед во трупот на лавот што го убил. Избрана од основачот на сирупот, Абрам Лајл, се работи за приказна која го илустрира неговото верување дека добрите работи често произлегуваат од неочекувани и предизвикувачки ситуации.
Но, лавот кој се распаѓа доби наследник со попријателско лице и осамена пчела – и двете живи – кои треба да резонираат со вкусовите на публиката од 21 век. Редизајнот означува драматична промена за компанијата, вклучена во Гинисовата книга на рекорди за најстариот непроменет бренд во однос на пакувањето.
За оние на кои им се доапаѓал стариот дизајн, компанијата ќе продолжи да ја продава класичната лимена амбалажа со старата илустрација. Меѓутоа, другите артикли од брендот ќе бидат модернизирани, премостувајќи го јазот помеѓу минатото и иднината.
Според Џејмс Вајтли, бренд директор на Lyle’s Golden Syrup, компанијата треба да им покаже на потрошувачите дека еволуира со времето и дека ги задоволува нивните актуелни потреби, истовремено оддавајќи почит кон автентичното наследство на брендот.
Редизајнот е дел од пошироката стратегија на компанијата за да се обезбеди дека Lyle’s Golden Syrup ќе остане омилен избор на британските домаќинства, комбинирајќи ја носталгијата со модереноста.