Авенијата Медисон во Њујорк претставува своевиден симбол на адвертајзинг индустријата, историско место каде што се создале некои од најпрепознатливите слогани и кампањи во изминатите 100 години и каде што се родиле голем број на познати агенции, вклучувајќи ги Wieden+Kennedy, Goodby Silverstein & Partners и BBDO. Таму, всушност, се одвиваат и главните настани во познатата телевизиска играна серија Mad Men.
Но, како што изминувале години, а адвертајзингот станувал децентрализиран и глобален феномен, така и авенијата Медисон пополека го губела својот примат. Повеќето големи агенции се преселиле во нови и поголеми канцеларии во Њујорк, или во некој друг град.
Тоа се реши да го стори и агенцијата TBWA\Chiat\Day, која се преселува на 42. Улица во Њујорк. Но, агенцијата не ја заборава историјата и реши, како што е редот, да ја одбележи со принт реклама на цела страна во дневниот весник The New York Times.
„Последната реклама од последната голема адвертајзинг агенција на авенијата Медисон“ – стои со големи букви на врвот од страницата.
„Авенијата Медисон беше големо нешто, знаете, Mad Men и сите тие работи“, се вели во рекламата: „А, како последни овде, се чини дека е соодветно да се одбележи моментот, и тоа не само за нас, туку и за целата проклета индустрија. Тоа е крај на една ера, може да се каже“.
Во помалку саркастичен тон, агенцијата понатаму се збогува со „ручеците со три мартинија“, „собите со табла исполнети само со бели мажи“ и омиленото сеќавање на сите – „прегорувањето“ од работа.
Но, шала на страна, пред самиот крај, TBWA\Chiat\Day истакнуваат: „Вистината е дека сé што ни било потребно беше проблем за решавање и бренд за градење. А, добрата вест е дека светот, како што се чини, никогаш нема недостиг од тоа.“
На крајот, агенцијата ги поканува заинтересираните клиенти да ги посетат на нивната нова адреса.