Американските медиски компании Skydance Media и Paramount Global постигнаа договор за спојување, означувајќи значителна промена во Холивуд преку здружувањето на два силно влијателни субјекти во индустријата.
Според известувањата на медиумите, на договорот му претходеле седум месеци преговори. Тој претходно беше одобрен од специјален комитет на одборот на директори на Paramount, а сега доби „зелено светло“ и од целиот одбор на директори.
Компаниите се согласија на процес во два чекора во кој Skydance и нивните партнери ќе ја купат National Amusements, која го држи контролниот удел на семејството Редстоун во Paramount, за 2,4 милијарди долари.
Skydance потоа ќе се спои со Paramount, нудејќи им на акционерите 4,5 милијарди долари во готовина или акции. Skydance исто така ќе обезбеди дополнителни 1,5 милијарди долари за намалување на долгот на Paramount.
Нов претседател на одборот на директори и генерален извршен директор на Paramount ќе биде Дејвид Елисон, основач на Skydance и син на милјардерот Лери Елисон од Oracle. Нов претседател на Paramount ќе биде Џеф Шел, поранешен извршен директор на NBCUniversal.
Како резултат на договорот, фамилијата Елисон фактички ќе се стекне со контрола на бројни медиски операции, вклучувајќи ги телевизиите CBS, Comedy Central, MTV и Nickelodeon, како и реномираното филмско студио Paramount Pictures.