Бројот на луѓе кои користат интернет е речиси четири пати поголем од 2005 година и изнесува 4,1 милијарди, наведува Меѓународната Телекомуникациска Унија (ITU) во извештајот во кој исто така предупредува дека бројот на жени кои користат интернет заостанува во неколку региони
Педесет и четири проценти од глобалното население е онлајн, се вели во извештајот објавен од агенцијата на ООН во Женева.
Сепак, 3,6 милијарди луѓе сè уште не се присутни на интернет, особено во најмалку развиените земји.
„Ќе треба да се направат насочени напори за да се намалат трошоците за широкопојасен интернет и иновативна политика за финансирање на пристапноста до интернет за населението кое не користи“, изјави Дорин Богдан-Мартин, која раководи со одделот за развој на Меѓународната Телекомуникациска Унија.
Извештајот, исто така, укажува на растечкиот јаз меѓу жените и мажите кои користат интернет во Африка, арапските земји и азиско-пацифичкиот регион.
Овој јаз потекнува од поголемиот број на сопственици на мобилни телефони кај мажите, бидејќи паметните телефони станаа клучно средство за пребарување на интернет.
Меѓународната Телекомуникациска Унија повика на преземање мерки за зголемување на бројот на жени кои имаат паметен телефон и за развивање на основни дигитални вештини во најмалку развиените земји.