Корисниците на социјалната мрежа X (поранешно Твитер) повеќе нема да може да гледаат кои објави им се допаѓаат на другите корисници.
Промената беше официјализирана вчера од страна на сопственикот Илон Маск, кој откако се случи ажурирањето напиша: „Важна промена: Вашите лајкови сега се приватни“.
Корисниците сè уште ќе можат да видат кои објави ги „лајкнале“ самите тие и на кои корисниците им се допаднале нивните објави, но не и кој „лајкнал“ објави на трети страни.
Ваквата промена беше најавена уште кон крајот на мај од страна на директорот за инжинерство на X, Хаофеи Ванг.
„Јавните лајкови поттикнуваат погрешно однесување. На пример, многу луѓе се обесхрабруваат да лајкнуваат содржина што може да биде „екстремна“ во страв од одмазда од тролови или за да го заштитат својот јавен имиџ. Наскоро ќе можете да лајкувате без да се грижите кој би можел да го види тоа“ – напиша тогаш Ванг.
Според компанијата, ако корисниците сега послободно ги „лајкнуват“ објавите кои навистина им се допаѓаат, алгоритмот на X ќе стане поприлагоден на нивните преференци.