Под насловот „Повеќе говор и помалку грешки“, американскиот технолошки гигант Мета соопшти значајни промени во својата стратегија за модерирање на содржини сè со цел да го унапреди слободното изразување, а истовремено да ги намали грешките при спроведувањето на правилата на социјалните платформи Фејсбук и Инстаграм.
Почнувајќи од Соединетите Американски Држави, компанијата планира да стави крај на програмата за проверка на факти од трети страни која беше воведена во 2016 година. Наместо неа, Мета ќе премине кон моделот со „Белешки на заедницата“, слично како на платформата Икс (поранешен Твитер), каде самите корисниците можат да додаваат дополнителни информации или појаснувања кон одредена објава.
„Ќе дозволиме повеќе говор со укинување на ограничувањата за некои теми кои се дел од јавниот дискурс и повеќе ќе се фокусираме кон спроведување на правилата поврзани со незаконски дејства и прекршувања со висока сериозност“ – се истакнува во соопштението на компанијата.
Мета истовремено ја истакна својата посветеност кон минимизирање на грешките што претходно довеле до ненамерна цензура, особено во однос на политичките објави.
Имено, компанијата објасни дека нивните автоматизирани системи за скенирање на содржини често резултирале со отстранување на објави кои што всушност и не ги прекршуваат правилата на платформата. Со поедноставување на правилата и усвојување на повеќе персонализиран пристап кон политичките содржини, Мета има за цел да ги намали таквите грешки. Притоа, оние корисници кои што сакаат да гледаат повеќе политички објави – тоа и ќе до добијат.
За да се одговори на загриженоста на американската јавност за некаква политичка пристрасност на платформите на Мета, тимовите за модерација на содржини ќе се преселат од Калифорнија во Тексас. Овој потег е дел од пошироките напори на компанијата за да се осигура дека модерацијата ќе биде праведна и непристрасна.
Овие промени во компаниската политика доаѓаат непосредно пред вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, означувајќи суштествена промена во пристапот на Мета кон модерацијата на содржини каков што беше воведен за време на неговиот прв мандат. Ставајќи акцент на слободното изразување, Мета ќе се обиде да ја балансира сложената динамика на американскиот политички дискурс, социјалните мрежи, ангажманот на корисниците и ширењето на информациите.