Според новото истражување спроведено од страна на компанијата Infectious Media, импресивни 90% од маркетерите се подготвени да инвестираат “малку” или “многу” повеќе во програматско огласување доколку би можело да им се гарантира подобра мерна статистика.
Проблемите поврзани со мерењето на успехот на кампањите јасно се прикажани во фактот дека 66% од испитаниците во ова истражување изјавиле дека проблемот е “исклучително” или “многу” тежок, како и фактот дека повеќето огласувачи сеуште се потпираат на кликовите за да ја проверат ефикасноста на своите кампањи.
Ова предизвика барања за темелни реформи во областа на мерењето, а 53% од сите огласувачи кои учествувале во анкетата се изјасниле дека активно бараат алтернативни решенија.
Мартин Кели, извршен директор и ко-основач на компанијата Infectious Media, во врска со овие наоди, изјави: “Од нашето истражувањо јасно е дека огласувачите стануваат се повеќе свесни за фактот дека моделот за мерење на кој досега најмногу се потпираа огласувачите за своите програматски кампањи не е добар, што резултира во намалено инвестирање во дигиталното рекламирање. Огласувачите бараат агенциите да покажат поголема водечка улога во тоа како може да се подобри системот. За жал, повеќето се задоволуваат со едноставната опција да ги трошат парите на огласувачите на ефтин огласен простор, кој ќе ја оствари крајната цел на кликови, без оглед на ризикот од измами или ограничениот поврат на инвестициите. “
Прашањето за сигурноста на податоците во последниве неколку месеци е во центарот на вниманието, па ISBA и IPA почнаа да бараат начини да ги поттикнат огласувачите на акција. Едно од потенцијалните решенија е усвојувањето на мерења на повеќе медиуми, за што се согласни 90% од издавачите, брендовите и агенциите.