Проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“ (Networking and advocacy for green economy) објавува Повик за новинарски натпревар за новинари и медиуми за истражување и промовирање на најдобри примери од примена на зелена економија или еколошки безбедни рурални деловни практики.
Новинарскиот продукт треба да се фокусира на концептот на зелена економија, односно да промовира успешен пример на зелени деловни практики. Проектот ги мотивира новинарите или медиумите да конкурираат со нови, досега необјавени, новинарски стории од областа на зелената економија само во аудио и/или видео форма (радио и телевизија).
На овој повик нема да бидат прифатени и не треба да се изработуваат продукти во пишана форма.
Авторот/медиумот на новинарскиот продукт се обврзува наградениот новинарски продукт да го објави во одреден медиум. Авторот, исто така, ќе дозволи Проектот да направи пост промоција во други медиуми на наградениот новинарски продукт. По ова, професионална ПР агенција, заедно со наградениот новинар, ќе изработат промотивен текст кој ќе биде објавен во неколку медиуми.
Натпреварот ќе стартува на 18.05.2021 година (вторник) и продуктите треба да се достават најдоцна до 18.06.2021 година (петок) до 16 часот.
По доставување на новинарските продукти, комисија, составена од двајца новинари и експерт за зелена економија, ќе ги оценуваат и ќе ја изберат најдобрата сторија која ќе добие парична награда во бруто износ од 1.500 (илјада и петстотини) евра во денарска противвредност, кои ќе бидат исплатени по објавата на наградената новинарска сторија.
Од технички аспект, авторот на новинарскиот продукт треба да внимава на следниве елементи:
- должина на новинарски производ до 180 секунди
- секој новинарски прилог да има оригинални изјави од соговорници (тонско парче)
- секој новинарски прилог да биде изработен во аудио формат и/или во видео формат
Комисијата ќе ги оценува пристигнатите продукти според следниве критериуми:
- Методологија на истражување (да се образложи истражувачкиот концепт, односно да се објасни темата, извори од кои се прибираат податоци, новинарски алатки што користени при работата)
- Стил на новинарско изразување
- Релевантноста на тема
- Придржување до новинарските и етичките стандарди (присуство на факти, точност и веродостојност на наводи)
Новинарите кои ќе пратат новинарски продукт потребно е во електронската порака да проследат информации, како што се име и презиме, медиум каде работи и контакт телефон. Со проследување на овие информации, новинарот, автоматски, дозволува неговите податоци да се користат само за потребите на реализација на проектот. Изработениот новинарски продукт, ќе треба да биде проследен во електронска форма / линк на следнава адреса: info@ruralnet.mk најдоцна до наведениот датум, 18.06.2021 до 16 часот. Сите продукти кои ќе пристигнат по наведените термини за достава, нема да бидат предмет на оценување и ќе бидат дисквалификувани.
За проектот: Проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“ трае три години (започна во април 2018 година) иго спроведуваат 7 партнерски организации од Балканот од кои една е од земја на ЕУ: Мрежа за рурален развој на РМ, Мрежа за рурален развој во БиХ, Мрежа на организации за рурален развој на Косово, Мрежа за рурален развој на Црна Гора, Мрежа за рурален развој на Србија, Албанската мрежа за рурален развој и Хрватската Мрежа за рурален развој.
Општата цел на проектот е да обезбеди поддршка за подобрување на политиките и влијанието на Балканската мрежа за рурален развој (БМРР) и нејзините членови во процесот на носење одлуки преку вклучување во процесите на реформи на земјоделските и руралните програми со цел воведување на концептот на зелена економија.
Проектот има три специфични цели:
- Зајакнување на капацитетите на малите, локални граѓански организации во однос на општите принципи на работа, застапување и вмрежување, за да можат да ја остварат својата улога на застапници за земјоделски и рурални реформи, на транспарентен и отчетен начин;
- Воведување на концептот на зелена економија како единствен меѓусекторски претприемачки модел за рурална диверзификација и одржливост;
- БМРР и нејзините членови го користат пристапот за развој на политиките засновани на докази и застапување засновано на правата за да ги поттикнат националните процеси на приближување кон заедничката европска земјоделска политика (EU CAP) и промовирање на зелената економија.
Донатор: Европска Комисија преку Програмата за граѓанско општество и медиуми 2016-2017 Вкупниот буџет на проектот изнесува 1,071,269.13 евра, од кои 964,069.13 (89.99%) се финансии од Европска Унија.