Лабораторијата за социјални иновации СмартАп во партнерство со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ објави повик за најдобри иновативни бизнис идеи, производи или услуги во креативните индустрии во склоп на првиот Креативен бизнис куп 2021.
Сите претприемачки тимови од компанија/организација во културата и креативните индустрии како архитектура, занаетчиство, дизајн, технологии на искуства, мода, филм, гастрономија, компјутерски игри, 3Д, играчки и игри и друго можат да се пријават на повикот најдоцна до 4 мај. Нема специфички барања во однос на возраста, прометот или бројот на вработени.
„Потенцијалните учесници се тимови со добри бизнис и креативни компетенции кои треба да понудат креативни решенија кои се комерцијални и имаат потенцијален пазар – не е важно дали се во фаза на идеја или веќе заработуваат, се додека деловниот модел содржи креативни и иновативни решенија – производ, услуга, пристап кон клиент, пазар итн“, се вели во повикот.
По овој рок ќе бидат израни 10 финалисти кои ќе работат со ментори на подготовка на својот вредносен предлог кој ќе го презентираат на Националниот натпревар на 21 мај, а воедно ќе се стекнат со знаење за развој на своите бизнис модели и стратегии за раст.
Победникот ќе ја претставува Северна Македонија на Глобалното финале 2021 во рамки на индустрискиот форум BRIGHT во Копенхаген во јуни. Тимовите од второ и трето место ќе добијат карта за присуство на Глобалното финале 2021 година, и можност да се состанат и да се поврзат со претприемачи, инвеститори и ментори од над 80 различни земји.
Заради пандемијата, првото издание на Креативниот бизнис куп ќе се случува целосно виртуелно.
За повеќе информации околу настанот ќе биде организирана информативна сесија на 22 април од 17:30 часот на Платформата ZOOM (линк за регистрација).
Креативниот бизнис куп се организира годишно во повеќе од 70 земји и за прв пат се случува во Северна Македонија под капата на Creative Business Network (CBN), заедница со повеќе од 3.000 стартапи, институции, индустриски експерти и креатори на политики од повеќе од 80 земји.
Сите детали за настанот се достапни на следниот ЛИНК.
Настанот е поддржан од Град Скопје и Центар за иновации Скопје.