Во пресрет на новата натпреварувачка сезона беше формиран Стручниот совет на BalCannes – советодавно тело што ќе дејствува во фазата на планирање и организација на ова регионално натпреварување на комуникациската индустрија, со примарна задача да учествува во континуираното усогласување на BalCannes со потребите на индустријата и пазарот на земјите-учеснички (Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија).
Составот на Стручниот совет го формираат претставници на највисоко рангираните агенции во секоја од државите-учеснички на BalCannes во тековната година. Согласно одличните резултати во 2025 година, Советот го сочинуваат следните членови: Бранкица Јанковиќ (Aquarius Group, БиХ), Амна Џамбиќ Бранковиќ (Via Media, БиХ), Ејуб Кучук (MITA Group, БиХ), Давор Брукета (Bruketa&Žinić&Grey, Хрварска), Дарко Боснaр (Imago Ogilvy, Хрварска), Лука Дубоковиќ (BBDO Zagreb, Хрварска), Наташа Бојаниќ (Leo Burnett Belgrade, Србија), Жарко Вељковиќ (Jazavac i Utorak, Србија), Маја Радак (Fullhouse Ogilvy, Србија), Марко Вичич (Futura DDB, Словенија), Вања Кмет Жижмонд (Povem, Словенија), Жига Анжловар (McCann Ljubljana, Словенија), Софија Семенпеева (Effectiva agency, Македонија), Бојан Кочовски (McCann Skopje, Македонија), Јелена Ивановиќ (New Moment Skopje, Македонија) и Дејан Спиркоски (Saatchi&Saatchi Skopje, Македонија).
Членовите на Советот ќе се вклучат во разговори за следните теми: групи и категории во рамките на натпреварот, процесот на жирирање, како и други активности поврзани со осмислување и реализација на натпреварувањето. Кон крајот на октомври ќе се одржи и првата седница на Стручниот совет, на која членовите на Организацискиот одбор ќе направат преглед на минатогодишната сезона и ќе ги претстават плановите за наредната година, додека членовите на Советот ќе дадат свои вредни повратни информации, предлози и идеи за понатамошниот развој на BalCannes.
Во пресрет на новата креативна сезона, претставниците на агенциите кои минатата година го освоија првото место во своите земји и воедно се членови на Советот, откриваат зошто BalCannes е местото каде што се мери вистинската вредност на идеите, каде што се поставуваат стандарди и се шири видливоста далеку надвор од границите на регионот:
„Креативноста е навика, начин на живот. Постојано сме во потрага по инспирација и можности за да ја одржиме креативноста како навика. BalCannes е одлично место за негување на таа наша прекрасна навика“ – објасни Бранкица Јанковиќ од Aquarius Group (Босна и Херцеговина).
„BalCannes е сцена поголема од нашата локална, но не толку голема за на неа добрите идеи да се изгубат“ – порача Давор Брукета од Bruketa&Žinić&Grey (Хрватска).
„Станува збор за приклучување кон поголем креативен круг, за споделување идеи, за давање и добивање инспирација што ја носиме дома“ – рече Наташа Бојаниќ од Leo Burnett Belgrade (Србија).
Да потсетиме, по прогласувањето на победниците на свечената сцена во Ровињ за време на фестивалот „Денови на комуникациите“, следеше и објавувањето на BalCannes Report. Новото издание на годишниот извештај, со наслов „BALCANNES МОЗАИК НА КРЕАТИВНОСТА“, опфаќа низа регионални рангирања со податоци за најдобрите проекти, огласувачи и агенции во регионот, но и во рамките на секоја земја-учесничка.
„BalCannes го слави креативниот пулс на нашиот регион – тоа е местото каде што најдобрите идеи од Словенија се среќаваат со најостриот талент од регионот. Тоа не е само сцена, туку и огледало на тоа колку далеку може да достигне нашата креативност“ – вели Марко Вичич, Futura DDB (Словенија).
„BalCannes е многу повеќе од фестивал – тоа е сцена на која навистина гледате ‘каде стоите’, но и место каде добивате искра инспирација да бидете посмели, понеконвенционалени и покреативни секој ден“ – истакнува Софија Семенпеева од агенцијата Effectiva од Македонија.
„Македонија е мал огласувачки пазар, но креативноста не познава граници, а BalCannes е совршено место за тестирање на нашите специфични локални увиди. Тоа е многу важно натпреварување, бидејќи истакнува локални кампањи кои можат да постигнат регионално, а потоа и глобално признание“ – заклучува Бојан Кочовски од македонската агенција McCann Skopje.
Повеќе информации за натпреварот – на кој и во новото издание ќе може да се освојат златна, сребрена или бронзена награда и да се покаже квалитетот на сопствените проекти пред целиот регион – се достапни на официјалната веб-страница. Конкурсот за пријавување проекти ќе биде отворен наесен, а победниците ќе бидат прогласени за време на фестивалот Денови на комуникациите, кои ќе се одржат во Ровињ од 7 до 10 мај 2026 година.