„МедиаС“ ДООЕЛ Скопје, „Кала-Плакат“ Скопје, „Скрин Инвест“ Тетово и „Акцент Медиа“ Скопје, се фирмите чиишто понуди за издавање на микролокации за поставување на билборди вчера беа отворени во просториите на Општина Охрид, објави локалната телевизија ТВМ.
Издавањето под закуп на локациите како што пишувавме и претходно ќе оди во два пакети и тоа:
Пакетот 1 содржи локации за осум рекламни паноа, додека Пакетот 2. содржи локации за девет рекламни паноа, а локациите се во централното градско подрачје, на улиците, „Туристичка“, „Партизанска“, „Димитар Влахов“, кеј „Македонија“ и „Македонски просветители“. Станува збор за петнаесеттина нови локации и пет веќе постоечки локации.
Почетната цена за јавното наддавање за првиот пакет изнесуваше 192.000 денари, додека за вториот пакет, 216.000 денари. Една од новините на овој оглас е и тоа што закупците ќе бидат обврзани да склучат договор со ЕВН Македонија за користење на електрична енергија, за разлика од досега кога закупците ја користеа електричната енергија од уличното осветлување.
Критериум за избор на најповолна понуда е највисоко понудена цена на јавното наддавање за закуп по пакет. Јавното наддавање ќе се одржи најкратко во рок од 15 дена од јавното отворање на понудите, меѓутоа сеуште не е прецизирано дали ќе стане збор за електронско или физичко наддавање.