Американскиот производител на автомобили Chevrolet ја лансираше својата нова Божиќна кампања насловена “A Holiday to Remember” („Празник за паметење“).
Централниот филм на кампањата започнува со куќна сцена на големо американско семејство кое се собрало да ги прослави празниците. Меѓу присутните се наоѓа и една постара жена во раните фази на Алцхајмерова болест која се мачи да ги препознае луѓето околу неа.
Една од нејзините внуки се решава да ѝ приреди „ден за паметење“, така што ќе ја одведе својата баба на прошетка со нејзиниот стар Chevrolet Suburban. Додека се возат низ населбата, внуката ѝ помага на старата жена да се присети на улиците, луѓето и локалите, навраќајќи се на спомените од минатото. Кога конечно се враќаат во домот, старата жена веќе почнува да се присетува и на членовите на нејзиното семејство.
Емотивната кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Commonwealth/McCann. Филмот е режиран од страна на британско-австралискиот режисер Том Хупер, а проследен со песната “Sunshine on My Shoulders” од легендарниот американски кантри-изведувач Џон Денвер.