Американскиот конгломерат General Electric ја лансираше својата нова кампања насловена “Beautiful Law” („Прекрасен закон“) – оддавајќи почит на долгата историја на компанијата, но истовремено истакнувајќи ги нејзините заложби за иднината.
Основана од Томас Едисон во 1892 година, General Electric прерасна во една од најмоќните корпорации во американската историја. Кон крајот на 2021 година, извршниот директор на компанијата Лери Калп објави дека таа ќе биде поделена на три одделни компании: GE Healthcare, GE Vernova и GE Aerospace, фокусирани соодветно на медицинската технологија, енергијата и авијацијата.
GE Healthcare беше претставена на почетокот на оваа година, придружена со маркетинг кампања насловена како „Care that Can“ („Грижа која може“). Сега, пак, корпорацијата ја отпочна новата кампања “Beautiful Law” со цел да го најави претстојното лансирање на GE Vernova и GE Aerospace.
Кампањата влече инспирација од првиот закон на термодинамиката, кој вели дека енергијата не може ниту да се создаде ниту да се уништи – туку само да се трансформира од една состојба во друга. Во централниот спот на кампањата гледаме млада жена во библиотека која учи за овој фундаментален закон на физикта, по што почнува да ги визуелизира неговите придобивки – големи ветерници, патнички авиони и осветелни градови.
Кампањата, која треба да служи како инспирација за следната генерација физичари, е осмислена и создадена од страна на креативната агенција BBDO, со која General Electric активно соработува веќе 103 години – уште од далечната 1920 година!