Социјалното претприемништво во РМ е во зародиш. За жал, сè уште не постои законска рамка за овој вид претприемништво, ниту пак стратегија. Невладините организации и здруженијата на граѓани имаат големи потенцијали да пласираат производи и услуги, но поради слабите капацитети речиси и да не се видливи на пазарот.
Според одредени истражувања, 24% од невладините организации во РМ остваруваат економската активност преку истражувања, обуки, консултации, подготовка на документи, изнајмување опрема или работен простор и други услуги. Сепак, овој вид активности не се непосредно поврзани со одреден општествен предизвик или проблем како што се создавање можност за нови вработувања, решавање на проблемот со загадување, вклучување на маргинализираните категории граѓани или соодветно постапување со отпадот. Од друга страна пак, согласно преценките неведни во The Social Business Initiative на Европската комисија, социјалните претпријатија во ЕУ учествуваат со 10% од вкупниот БДП на Унијата, а 4,5% од вкупниот број вработени работат во оваа дејност. Колку за илустрација, 7,5% од активното население во Финска е вработено во некаков вид социјално претпријатие, додека пак тој процент во Словенија изнесува 4,1%.
Социјалното претприемништво е одлична можност за невладините организации и здруженија да обезбедат сигурна само-одржливост, да ја намалат својата зависност од домашни и странски донации, но и да ја зајакнат својата активност во полето каде делуваат со цел ублажување или намалување на одреден општествен предизвик, независно дали станува збор за инклузија на ранливи категории граѓани во општествените текови, намалување на загадувањето и заштита на животната средина или пак заштита на културните вредности. Ова повлекува и отворање нови работни места, особено за оние кои се невработливи, како што се самохрани родители, поранешни зависници од дрога, комар и алкохол, поранешни штитеници на поправни домови и домови за деца без родители, жртви на насилство и поранешни затвореници.
Сепак, како најотежнувачка околност е ниската свест и површното познавање помеѓу општата јавност за етичката вредност на производите или услугите кои се купуваат од социјалните претпријатија. Имено, со нивното купување, граѓаните треба да бидат свесни дека помагаат за решавање на даден општествен предизвик или пак посредно помагаат за вклучување на ранлива категорија граѓани во општествените текови, пред сè на пазарот на трудот. Исто така треба да се нагласи дека етичката димензија на социјалните претпријатија мора да биде во прв план, со цел граѓаните непосредно да ја увидат мисијата и хуманата нишка која се остварува, бидејќи во спротивно многу лесно може да бидат „сфатени“ како обично претпријатие кое се „бори“ за добивка. За да се надмине сето ова, мора да постои основа за развој, а во поглед на тоа, познавачите упатуваат кон потребата од итно донесување на засебно законско решение, како и сеопфатна едукативна кампања за разбирање на суштината и концептот на социјалното претприемништво.
Македонија веќе една декада го чека Законот за социјално претприемништво. Иако неколку предлог текстови се веќе подготвени, министерката за труд и социјална политика уверува дека до Јуни 2019 законот ќе биде усвоен што несомнено ќе придонесе до воспоставување правна рамка во која ќе се уреди начинот на финансиско и пазарно работење на невладините организации кои сакаат да отпочнат со економска дејност. Најважно од сè, законот ќе воспостави филтер и критериуми кои дадена организација или здружение ќе мора да ги исполни за да го понесе епитетот „социјално претпријатие“, како во поглед на ранливите категории кои ќе бидат вклучени или со кои ќе се работи, така и во поглед на мисијата која ќе ја остварува.
Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики и директор на проектот „СМАРТ СТАРТ: оддржливо влијание на граѓанските организации преку зајакнување на капацитетите за социјално претприемништво и иновации во Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Турција“, потпомогнат од страна на Европската Унија, уверува дека проектот ги таргетира токму недостатоците детектирани погоре – јакнење на капацитетите на организациите и здруженијата за основање и водење социјално претпријатие, подигнување на свеста кај граѓаните за етичката вредност на производите и услугите кои ги нудат овој вид претпријатија, како и “притисок“ врз надлежните за што побрзо воспоставување законска рамка за раст и развој на социјалното претприемништво во земјава.
- Во рамки на СМАРТ СТАРТ проектот ги зајакнавме капацитетите на 20 организации за основање и водење социјално претпријатие, а на 10 од нив им помогнавме и финансиски да отпочнат со ваков вид дејност. Горди сме што во нашиот хаб растат претпријатија кои им помагаат на зависниците од психотропни супстанции преку продажба на овошје и зеленчук, или на пример помошта која ја добиваат жените заболени од малигни заболувања преку продажба на декорации и украси за роденденски забави и крштевки. Водиме и интензивна промотивна кампања да го запознаеме локалното население со тоа дека доколку купите производ или услуга од овој тип претпријатија, всушност помагате за надминување на даден предизвик со кој се соочува заедницата. Преку проектот дадовме и свој придонес кон подготовката на предлог законот за социјално претприемништво, а свои забелешки поднесовме и Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика преку развој и поттик на социјалното претприемништво и Законот за сметководствено рабење на невладините организации со што ќе се поедностави режимот за водење на сметководство и финансиско известување за оние организации кои вршат некаква економска дејност. Дополнително, водиме и интензивна кампања, со што не само што ги промовираме производите и услугите кои ги нудат, туку ги запознаваме граѓаните и ја подигнуваме нивната свест за етичката вредност кои ги имаат овие производи или услуги.
Останува надежта дека 2019 година ќе биде година кога Македонија ќе направи сериозен пробил и исчекор кога е во прашање развојот на социјалното претприемништво. Охрабрувачките резултати кои ги „прокнижуваат“ 10-те грантирани социјални претпријатија може да послужат како показател дека домашниот пазар има потенцијал за понуда и побарувачка, но неопходен е системски пристапк со цел негово доразвивање до степен до кој самите претпријатија и граѓани ќе бидат доволно подготвени и свесни за значењето да се продаде, односно купи производ или услуга од овој вид претпријатија.