При една неодамнешна посета на супер-продавницата на Литература.мк, меѓу скапоцените енциклопедиски дела за Ван Гог, Гоја и современиот креативен дизајн, забележавме една книга со нешто поскромен формат, но за нас далеку повредна тема која веднаш го фиксира нашето внимание.
Се работи за книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ во авторство на д-р Гордана Вренцоска, а издадена од страна на Арс Ламина во 2020 година.
Веднаш моравме да ја купиме, а откако имавме можност да ја простудираме – сега е време за неа да кажеме и збор-два пред нашите читатели, за кои веруваме дека оваа тема им е и тоа како важна.
Во својата основа, книгата на еден интердисциплинарен начин го истражува културниот феномен на традиционалниот визуелен идентитет, пред сé македонскиот, и разгледува практични насоки и искуства за негова еволуција и интеграција во современата визуелна култура на македонското општество.
Всушност, како што посочува и самата авторка: „Многу „нови“ концепти за подобар живот, што ни се пласираат од Западот во ова постмодерно и сурово капиталистичко време, како „направи сам“ (DYI или Do-It-Yourself), „одржливост“ (sustainability), „екологија“ (ecology) и „органско“ (organic) биле вековен и традиционален живот на овие простори“.
Изданието има 334 страници, збогатено со обемен илустративен материјал во боја од 305 слики и 10 табли со илустрации, како и што треба да биде едно дело со ваков карактер. Неговата структура е поделена на осум глави, кои се понатамошно расчленети на повеќе поглавја и потпоглавја, што ја прави оваа книга особено практична за пребарување и снаоѓање кога ви треба некој конкретен дел. Изнесените анализи и согледувања се поткрепени со обемна библиографија и извори кои даваат дополнителна тежина на делото.
Сметаме дека главите на книгата во основа можат да се класифицираат во три тематски групи. Првите три глави се занимаваат со теоријата на културата, културното наследство, културните и националните идентитети во општи, глобални и во македонски, локални рамки. Притоа, како што секој кој се занимава со оваа проблематика ќе ви каже, третата глава е посветено на една многу важна анализа на специфичниот историски и социокултурен контекст на развојот на македонскиот културен и национален идентитет, што всушност претставува основата за секој еден визуелен идентитет.
Со втората тематска група на глави, составена од четвртата, петтата и шестата глава, обрачот околу темата се стеснува и авторката се продлабочува во презентација и анализа на теоријата за визуелната култура, знаците и симболите, визуелната комуникација, дизајнот како дисциплина во светот, Балканот и Македонија и секако македонскиот визуелен идентитет со неговите карактеристики и особености. Во овој централен дел, читателот ќе има можност да се запознае со развојот на македонскиот визуелен идентитет од неговите корени во традицијата, занаетчиството и применетите уметности, па сé до современите манифестации и инкарнации во различни сфери од животот и општеството.
Последните две глави го претставуваат практичниот дел од книгата во кои се презентираат конкретни студии на случај, искуства и експериментални студии од светот и Македонија, за примената и реинтерпретацијата на традиционалниот визуелен идентитет во современ контекст.
„Адаптирањето кон новите општествени услови налага еволутивни промени со кои традициите, од егзотични креатури во резерватите на музеите и институциите, би се вметнале во порите на секојдневните потреби и културата на современиот граѓанин“, истакнува во својата книга авторката Вренцоска.
Монографијата „Македонски визуелен идентитет“ претставува оригинално и засега уникатно дело на македонската литературна понуда и сме убедени дека таа заслужува да се најде во личната библиотека на секој дизајнер, културолог, семиотичар, креативец, па и секој граѓанин кој има интерес за оваа тема.
Авторката Гордана Вренцоска и издавачката куќа Арс Ламина на македонските креативци им дарија едно дело кое со години ќе претставува богат ресурс на информации, согледувања, насоки, искуства и инспирација за понатамошна еволуција на нашиот заеднички, македонски визуелен идентитет и неговата изградба во препознатлив светски бренд.
Книгата може да се купи и онлајн на овој линк.