Изборот за песна на Евровизија 2025 полека добива форма, а организацискиот тим го претстави сценскиот, визуелен и звучен идентитет на овогодинешниот настан – паралело со отпочнувањето на продажбата на билети.
По 36 години, изборот за песна на Евровизија се враќа таму каде што започна се – во Швајцарија. Од 12 до 17 мај 2025 година, Базел и целата земја ќе бидат посветени на најголемиот музички настан во светот. На прес-конференција во градот-домаќин, организацискиот тим го претстави визуелниот идентитет, звучното брендирање, сценскиот дизајн и процесот на издавање билети за 69-от избор за песна на Евровизија.
Визуелниот и аудио идентитетот на Евровизија 2025 е развиен под водство на уметничкиот директор Артур Дејнев. Неговата цел беше да создаде дизајн што ќе ги натера луѓето да се чувствуваат слушнати и ценети. Инспириран од швајцарската традиција на директна демократија, која се заснова на слушање и дијалог, Дејнев го избра „слушањето“ како централна водечка тема на целиот концепт на брендирање, нарекувајќи го „Единство што ја обликува љубовта“.
Дејнев истакнува: „Ако се слушаме едни со други, тогаш наоѓаме љубов“.
Оваа порака ќе биде пренесена и визуелно преку симболот на срцето на Евровизија, која се залага за дијалог, единство и обединувачката моќ на музиката. Затоа, пулсирачките евровизиски срца ќе бидат основен елемент на дизајнот, претставувајќи ги милионите луѓе обединети од Евровизија да слушаат и да слават заедно.
Звучниот идентитет што ја придружува Евровизија 2025 го комбинира традиционалното и модерното. Се заснова на пулсирачки и моќен ритам, проткаен со традиционални елементи: јоделирање, препознатливиот звук на базелскиот перкусивен корпус и непогрешливата музика на инструментите хакбрет и алфорн.
Артур Дејнев вели: „Создадовме храбра, високо-енергетска композиција, која ќе ја подготви публиката за незаборавно искуство со својот ритам и изненадувачки музички ефекти“.
Дизајнот на сцена ќе биде инспириран од швајцарските планини и разновидноста. Флоријан Видер, продукцискиот дизајнер со швајцарски корени, кој по осми пат го надгледува дизајнот на Евровизија, за овогодинешниот настан во Базел се инспирираше од швајцарските планини и јазичната разновидност на земјата.
„Нашата цел беше да се создаде револуционерен концепт на сцената – холистичко искуство што досега не сме го виделе на Евровизија. Благодарејќи на имерсивниот сценски аранжман, публиката ќе биде дел од Евровизија како никогаш досега“ – посочува Флоријан Видер.
Директорот на изборот за песна на Евровизија, Мартин Грин, го споделува ентузијазмот на радиодифузерот SRG SSR за изгледот на овогодинешното издание во Базел.
„Воодушевен сум од неверојатните креативни елементи кои видов дека се оформуваат за Изборот за песна на Евровизија во 2025 година. Од визуелно фасцинантниот сценски дизајн, инспириран од планините и разновидноста на Швајцарија, до енергичните уметнички дела што го опфаќаат срцето на Евровизија – SRG SSR претстави модерен, оригинален и возбудлив изглед за изданието во Базел. Сакам да се заблагодарам од срце до SRG SSR и сите дизајнери за нивната извонредна работа и посветеност досега, ние сме подготвени да приредиме спектакуларен настан кој ќе ја обедини публиката насекаде преку моќта на музиката“ – истакнува Мартин Грин.