Во овогодишниот состав на жири комисијата на престижните награди Creativepool, заедно со експерти од адвертајзинг светот, се вклучија и претставници на агенцијата McCann Загреб. Мартина Јелиќ, раководител на одделот за дигитален маркетинг, е член на жирито во категоријата Digital, а Ива Бокшиќ, раководител за стратегија, е член на жирито во категорија Integrated.
„Се радувам што имам можност да бидам меѓу експерти од различни креативни индустрии и разни делови на светот кои ќе ги изберат проектите кои ќе блеснат на страниците на годишното издание на Creativepool Annual. Особено сум љубопитна да видам како најуспешните светски брендови и агенции креираа целосни и интегрирани кампањи во една година која покрај многу други предизвици, донесе тектонски промени во однесувањето на потрошувачите, конзумацијата на медиуми и „класичното“ комуницирање“, вели Ива Бокшиќ, Head of Strategy во McCann Загреб.
„Верувам дека необичната година ни донесе особено интересни креативни рефлексии, затоа ми е особено драго што во друштво на експерти од целиот свет ќе имам можност да го прокоментирам дигиталниот пазар и да ги одберам кампањите што ја одбележаа годината со нивните иновативни исчекори“, додава Мартина Јелиќ, Head of Digital, McCann Загреб.
Годишната награда Creativepool им дава можност на големите огласувачи и брендови да ги прикажат своите кампањи, како и да освојат престижна награда во повеќе категории. Победничките кампањи и сите финалисти ќе бидат објавени во годишното издание на публикацијата Creativepool Annual. Во 2021 година претставено е највлијателното и најголемото жири досега, кое вклучува претставници од компании како Facebook, TikTok, Channel 4 и многу други.
Кампањите можете да ги пријавувате до 27 мај, а повеќе информации можете да пронајдете на нивната веб страница.