Вкупните приходи на пазарот на електронски комуникации лани изнесувале 17.297.466.000 денари или 281,2 милиони евра и бележат раст од 0,34 проценти споредено со 2017 година, покажува Годишниот извештај за развој на пазарот на електронски комуникации за 2018 година, што го објави Агенцијата за електронски комуникации.
Според извештајот, се намалува бројот на активни претплатници во мобилната телефонија, а се зголемува на фиксите линии и на претплатниците со пристап до интернет со широк опсег.
Лани имало 1.969.109 активни претплатници во мобилната телефонија, или за 1,94 проценти помалку споредено со претходната година кога биле регистрирани 2.008.008.
На крајот на минатата година се евидентирани 427.964 претплатници на широкопојасен интернет (без претплатници преку мобилни мрежи), за 7,99 проценти повеќе во однос на претходната година. Кај претплатниците на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) бројот на претплатници пораснал за 6,46 проценти.
За 4,47 проценти е зголемен бројот на фиксни линии во сите технологии и тие во 2018 година изнесувале 38.901 наспроти 366.529 во 2017.
Расте и бројот на претпатници на ТВ услуги за 2,74 проценти во 2018 во однос на 2017 година и се регистрирани 405.167, односно 394.376.