Приходите на Фејсбук во третиот квартал достигнаа 13,7 милијарди долари, 33% повеќе од истиот период минатата година, што претставува нивен најспор раст од 2012 година, откако акциите на оваа социјална мрежа котираат на американската берза.
Според нивниот извештај, објавен во вторникот, чистата нето добивка на Фејсбук достигна во последниот квартал 5.14 милијарди долари, 9% повеќе од претходната година, што претставува значително побавен раст во однос на претходните квартали, кога добивката на компанијата се зголеми со двоцифрена бројка.
Последица на тоа е силниот раст на трошоците на компанијата, за 53% на годишно ниво, на 7,95 милијарди долари, бидејќи Фејсбук засилено инвестира во безбедноста на корисничките податоци и подобро следење на содржината која корисниците ја објавуваат на мрежата.
Неодамна, Фејсбук објави дека хакери успеале да ја пробијат сигурноста на системот и да пристапат до податоците на 29 милиони нивни корисници, што е само уште еден во низата скандали поврзани со податоцита на корисницита на Фејсбук, заради што паѓа довербата во оваа социјална мрежа.
Пред тоа, се дозна дека британската компанија за политички консалтинг Кембриџ Аналитика ги искористила податоците од корисниците на Фејсбук без нивна дозвола. Фејсбук веќе претходно беше под притисок поради лажните реклами на социјалната мрежа платени од Русија, со кои постоел обид да се влијае на претседателските избори во САД.
Затоа, Фејсбук ангажира нови луѓе за борба против лажните реклами и вести, а најави и други мерки за зголемување на сигурноста на корисничките податоци. И покрај зголемените вложувања во сигурноста, најновите скандали предизвикаа успорување на бројот на корисници на Фејсбук.
Па така, на крајот на септември оваа социјална мрежа имаше 2.27 милиони активни месечни корисници, што е за 10% повеќе од претходната година. Бројот на активни дневни корисници порасна за 9% на 1,49 милиони.
Иако ова е силен раст, ова е сè уште најспорото зголемување на бројот на корисници во повеќе од две години. Во меѓувреме, бројот на корисници во САД и Канада стагнираше, додека во Европа падна.
Од друга страна, во последниот квартал силно порасна бројот на корисници на Фејсбук во Индија, Индонезија и на Филипините.
Марк Цукерберг, извршниот директор и основач на Фејсбук, рече дека е убеден дека приходите на компанијата од рекламирањето ќе успеат да ги следат промените во однесувањето на корисниците.
Тој, сепак, предупреди дека следната година трошоците на компанијата ќе продолжат да растат силно заради вложувањата во областа на сигурноста на корисниците.
“Претстојните избори (за Конгресот во САД) ќе бидат вистински тест за заштита на системот што го воведовме. Со повеќе од 2 милијарди корисници, ќе ги видиме сите добри и лоши работи што човештвото може да ги направи. И никогаш нема да бидеме совршени”, изјави Цукерберг во разговорот со аналитичарите.
Откако компанијата ги објави кварталните резултати од работењето, во продолжено тргување по затворањето на Вол Стрит, цената на акциите на Фејсбук варира значително, па во еден момент падна 3%, за потоа толку да се зголеми.