Традиционално и оваа година, Маркетинг365, ги анализираше завршните сметки на главните чинители во македонската комуникациска сцена. Минатата недела информиравме дека водечките 5 комерцијални телевизии со национална концесија (Сител, Канал5, Алсат-М, Телма и Алфа) оствариле вкупни приходи од речиси 17,5 милиони евра, што е намалување за околу 500,000 евра во споредба со претходната 2016 година.
Кога станува збор за пазарот на специјализирани ПР агенции, 2017-тата беше за нијанса подобра во споредба со претходната 2016-та. Анализирајќи ги финансиските резултати на најактивните 10 специјализирани ПР агенции во Македонија (по азбучен ред подредени: Апра Портер Новели, Априори (x2), Вај Нот Комуникации, Елемент ПР, Идеа Лаб, Имиџ ПР, Навигаторс, Прогресива ПР и Медиа, Ханибиз и Чептер 4) дојдовме до бројката од вкупни приходи за 2017-тата од 147,330,020 денари или 2,396,610 евра. Вкупната добивка на погоре споменатите ПР агенции за 2017 година била 21,650,391 денари или 352,038 евра.
Во споредба со 2016-тата кога вкупните приходи на овие исти 10 агенции изнесувале околу 2,291,249 евра, забележителен е минимален пораст во 2017-тата од околу 100,000 евра.
Сепак, ако се сака да се прави сеопфатна проекција на целиот ПР пазар во Македонија и поточно да го определиме македонскиот “ПР колач“ за 2017-та, неопходно е да се додадат и приходите остварени по основ на ПР услуги и на останатите маркетинг и Full Service агенции (во прв ред Меккен Скопје, ММС Комуникации Скопје (Публицис), Њу Момент, P World, Еден на Еден и Маркет Визија) кои исто така имаат тимови за ПР и вклучуваат понуда за односи со јавност во своето агенциско портфолио, но од чии биланси е невозможно да се оддели делот кој отпаѓа на ПР (бидејќи нивните приходи се прикажани како вкупен износ од сите наплатени услуги меѓу кои и подготовка на креативи, продукција, медиа планирање & закуп, дигитал итн).
По наша слободна проценка од проектите кои ги реализираа имајќи ги на ум акаунтите за чии ПР активности се грижат, нивните приходи на основ на ПР услуги изнесуваат вкупно некаде помеѓу 500 – 600 илјади евра, што не води до вкупен резултат од околу 3 милиони евра – колку што приближно изнесувал целиот македонски ПР пазар за 2017 година.