Соединетите Американски Држави се очекува да бидат првиот голем медиски пазар во светот во кој приходите од огласување на дигиталните весници ќе ги надминат оние на печатените весници, вели новото истражување на PwC, пренесува Axios.
Американските весници се побавни во мигрирањето на приходите од огласување во дигиталниот свет отколку пошироката издавачка сцена поради нивното локално влијание.
Издавачите на весници во САД ќе изгубат 2,4 милијарди долари во огласувачки инвестиции меѓу 2021 и 2026 година, главно поради загубите на печатените реклами. Иако дигиталното огласување ќе расте маргинално, тоа нема да биде доволно за да се спречи индустријата да забележи загуби во приходите од огласување во целина.
Печатеното огласување ќе падне од 7 милијарди долари минатата година на 4,9 милијарди долари до 2026 година. Од друга страна, приходите од огласување на дигиталните весници ќе достигне околу 5 милијарди долари до 2026 година, надминувајќи ги приходите од печатеното огласување.
Локалните бизниси кои претходно се потпираа на весниците за географско таргетирање на корисници на локално ниво, најдоа поекономични опции на големите технолошки платформи.
Новинските компании се повеќе се потпираат на деловни модели со претплата за да ги намалат загубите во приходите за огласување. PwC предвидува дека приходите од циркулација на весниците, во дигитален и во печатен формат, ќе ги надминат приходите од огласување веќе оваа 2022 година.