Иницијативата за одржлив туризам Travalyst, предводена од Принцот Хари, лансираше хумористична кампања која го поставува прашањето: „Што ако дестинациите нé оценуваа нас?“
Дигитални алатки за оценување на локации и разни угостителски објекти се веќе насекаде присутни и играат исклучително важна улога во изборот на соодветни и посакувани места при секое туристичко патување.
Но, колку што е важно тие места да бидат „добро оценети“, толку е исто важно туристите да се однесуваат соодветно на таа оценка т.е. и тие да бидат добри спрема нивните домаќини.
Токму тоа е премисата во новиот спот на Travalyst, во која Принцот Хари е оценуван од страна на службите при неговата посета на Нов Зеланд, давајќи му просечна оценка од 3 ѕвезди од 5, главно поради несоодветниот начин на кој употребувал крпи и поради фрлањето ѓубре на земја.
Како дел од кампањата, од Travalyst на својот веб-сајт поставиле и анкета преку која луѓето можат да добијат оценка за своето однесување на одмор, но и да добијат совети за одговорно и одржливо однесување за следниот пат кога ќе се најдат во улога на туристи.