Популарниот бренд на чипс Pringles, во соработка со играчката конзола Xbox и компанијата за видео-игри Raw Fury, создадоа необична кампања во која „оживеаја“ дигитално зомби од играта “West of Dead”.
Зомбито по име Френк е лик во споменатата игра кој беше „ослободен“ во вистинскиот свет на 27 јануари 2021 година, преку стрим во живо на британската гејминг инфлуенсерка Leahviathan на платформата Twitch. Но, наместо да ја нападне, зомбито се одлучи да тргне по отворените Pringles.
Од тој момент, ликот повеќе го нема во видео-играта и следните две недели ќе ги помине во „овој свет“ – јадејќи чипси и комуницирајќи со гејмери. Откако кампањата ќе заврши, односно од 10 февруари, тој ќе биде повторно вратен во светот на “West of Dead”, но овој пат како специјален карактер со кој играчите ќе можат да стапуваат во интеракција.
Кампањата исто така вклучува и серија на видео реклами – една во времетрање од 60 секунди која го претставува „оживувањето“ на Френк и повеќе други од 15 секунди кои го прикажуваат зомбито како јаде чипси и игра видео-игри.
Оваа уникатна гејмерска кампања е создадена со помош на креативната агенција Grey.