Компанијата за производство на чипс Pringles е принудена да ја редизајнира својата амбалажа, по бројните критики дека е скоро невозможно таа да се рециклира.
Препознатливата туба, во која се пакуваат чипсовите, се карактеризира како „кошмар за рециклирање“.
Се работи за сложено пакување со метална основа, пластично капаче, метална фолија под капачето и картонска кутија обложена со фолија.
Здружението за рециклирање ја прогласи амбалажата на Pringles за „негативец број 1“, рамо до рамо со шишето пијалок Lucozade Sports.
Компанијата Келог, која е производител на Pringles, во моментов тестира поедноставно пакување, иако експертите сметаат дека ниту ова нема да биде идеално решение.
Моменталната верзија на пакувањето е проблематична за рециклирање, бидејќи е комбинација од неколку материјали. Речиси 90 проценти од новото пакување е направено од хартија, а околу 10 проценти е направено од пластика, која го штити чипсот од влага и ја зачувува свежината и вкусот на производот.
Во некои супермаркети, како што е Теско, се тестираат две верзии – со пластичен капак и со хартиен капак. И двете може да се рециклираат.
Симон Елин, од Здружението за рециклирање за Би-Би-Си изјави дека „амбалажата на Принглс е бастион на лош дизајн од гледна точка на рециклирање. Оваа нова верзија е подобрување и ние ја поздравуваме. Но, искрено, пластичното капаче само ќе придонесе кон загадувањето – луѓето ги оставаат после излет, ги фрлаат во водите и морињата. Пластичниот капак мора да биде минато“.
Од Келог изјавија дека нивното пакување мора да биде херметички затворено, бидејќи во спротивно храната би била уништена.
Ново пакување се прави една година.
Рок на траење на Pringles е 15 месеци, а три милиони кутии се прават во Европа секој ден.