26-тиот Меѓународен фестивал на креативноста Golden Drum ќе се одржи во словенечкиот приморски град Порторож. Оваа година фестивалот ќе се одржи од 17 до 18 октомври под слоганот „Креативност за промени“ (Creativity 4 Change).
Крајниот рок за пријавување на кампањите кои ќе се натпреваруваат за наградите, е продолжен до 3 септември.
Кампањите кои ќе се пријават во категоријата “WHY” ќе бидат оценувани од страна на стручно жири предводено од Алваро Родригез, генерален извршен директор и генерален креативен директор на агенцијата Fullpack од Бразил. Претседател на жирито за категоријата “WHAT” ќе биде Тифани Ролфе, извршен потпретседател и извршен креативен директор во агенцијата R/GA од САД. Секој од нив ќе биде придружен од уште 10 професионалци од креативната индустрија.
Со мали промени во должината на програмата и побрзите и подинамични формати на дискусии, Golden Drum ќе ја донесе фестивалската програма поблиску до оние чие време е редок луксуз. Во текот на два дена, фестивалската сцена на Golden Drum ќе биде домаќин на околу 40 говорници од целиот свет кои ќе зборуваат за акциите кои водат кон позитивни промени во различни области, но со фокус на адвертајзингот за подобро утре.
Golden Drum натпреварувањето е официјалн натпревар на фестивалот. Конкурсот и наградите се отворени за сите агенции, огласувачи, клиенти, дизајнерски или продукциски компании, медиумски куќи и други, кои се вклучени во креирање или продукција на маркетинг комуникации, регистрирани во следниве земји: Албанија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија , Црна Гора, Чешка, Естонија, Финска, Грција, Грузија, Хрватска, Израел, Италија, Ерменија, Казахстан, Кипар, Киргистан, Косово, Латвија, Либан, Литванија, Унгарија, Македонија, Малта, Молдавија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Таџикистан, Турција, Туркменистан, Украина и Узбекистан.
Натпреварувањето е поделено на два дела WHAT и WHY. Секоја секција е поделена на групи и категории кои ги одразуваат најновите трендови во огласувањето и креативната индустрија. Двете секции се оценуваат од стана на меѓународно жири составено од врвни професионалци од индустријата.
Повеќе информации за овогодинешното издание на Golden Drum можете да најдете на официјалниот веб-сајт www.goldendrum.com.