Google сé уште ги граби огласувачките буџети на компаниите ширум светот, благодарение на кои овој гигант забележа уште еден силен квартал и покрај огромните проблеми со регулаторните тела во Европа
Матичната компанија Google, Alphabet, ги објави резултатите за вториот квартал годинава, со промет од 26,24 милијарди долари. Огласувачкиот бизнис на Google порасна за 24 проценти, од кои најголемиот дел доаѓа од мобилни и автоматизирани огласи.
Google продолжи да им дава на рекламите во пребарувањето повидливо место на мобилните уреди, што доведе до поголема продажба во ова поле. Google Shopping огласите во пребарувањето, со кои Google им овозможува рекламирање на производите за широка потрошувачка, се зголемија за 31% во вториот квартал во споредба со претходната година, според податоците на компанијата Merkle.
Alphabet објави две различни бројки кога е во прашање профитот, со цел да се земе во предвид казната од 5 милијарди долари која минатата недела ја наметна Европската унија поради прекршување на законот за конкуренција во однос на мобилниот оперативен систем Андроид. Google планира да се бори против оваа одлука, но дури и да ја вклучи оваа рекордна казна, во текот на вториот квартал компанијата остварила нето приходи од 3,2 милијарди долари.
Google, исто така, не се грижи многу за GDPR, а аналитичарите веруваат дека антимонополската истрага на ЕУ нема значително да влијае на приходите на Google. “Казната за Андроид би можела да значи дека врвот на регулаторните ризици е веќе зад нив”, вели Марк Маханеј од компанијата RBC Capital Markets.
Поголемиот дел од приходите од огласите на Гугл доаѓаат од нивните другите дигитални платформи, вклучувајќи го пребарувачот и видео услугата на YouTube, а не од страниците на трети страни кои ги прикажуваат нивните огласи. Приходот од платформите на Google скокна за 26 % на 23,3 милијарди долари. Овој скок ги рефлектира и неодамнешните напори на Гугл да ги поттикне маркетерите да купуваат повеќе на нивните огласувачки канали.
Некои во индустријата, исто така, наведуваат дека GDPR предизвика повеќе огласувачи да ги насочат своите инвестиции во реклами на Google и на неговиот главен конкурент Facebook. “Една од ненамерните последици од GDPR е зајакнувањето на дуополиот“, вели Гил Елбаз, поранешен извршен директор во Google, а сега директор на маркетинг компанијата Factual. “Ако Google продолжи со ова темпо, нивната доминација ќе биде екстремна”.