Минатата недела беше тешка за следбениците на некогашните американски медиумски гиганти меѓу милениумската генерација – Vice и BuzzFeed, брендови кои пред една деценија беа предводници на револуцијата во дигиталните медиуми.
Vice Media соопшти во четвртокот, помалку од една година по поднесувањето на барањето за стечај, дека става крај на сите новински операции и дека прекинува со публикувањето на својот главен веб портал – Vice.com.
Компанијата, која некогаш беше вреднувана речиси двојно повеќе од New York Times, планира да отпушти стотици вработени и да го трансформира својот бизнис модел во студио кое ќе продуцира и продава содржини на други издавачи.
Еден ден претходно, BuzzFeed ја соопшти продажбата на својата публикација за улична облека и култура Complex на платформата за шопинг Ntwrk. Во 2021 година, BuzzFeed ја купи оваа публикација за 294 милиони долари, а сега ја продава за драстично пониска цена – 108.6 милиони долари. Компанијата исто така најави дека планира да отпуши 16% од својот преостанат персонал.
За потсетување, BuzzFeed минатата пролет стави крај на својот новински портал BuzzFeed News.
Според медиумските експерти консултирани од страна на адвертајзинг магазинот The Drum, падот на овие некогаш големи медиумски компании се должи на пренасочувањето на вниманието на потрошувачите кон пофрагментирани и разновидни понуди на содржини, односно нивниот неуспех да се прилагодат кон тие промени кои што со себе исто така ги влечат и парите за огласување.