Водечката асоцијација за дигитално огласување и маркетинг на европсиот пазар, IAB Europe, ги соопшти добитниците на долгоочекуваните MIXX Awards Europe, наменети за најистакнатите кампањи, најсмелите идеи и најуспешните стратегии за 2025 година.
Годинешното натпреварување повторно ја потврди позицијата на Европа како глобален центар на креативна извонредност, каде агенциите и брендовите ги поместуваат границите, ги комбинираат медиумските канали и го претвораат креативното размислување во вистинско, мерливо влијание.
Жирито за 2025 година беше составено од водечки фигури во индустријата од компании како WPP Media, Meta, TikTok, Microsoft Advertising, Mediaplus Realtime, PHD, Procter & Gamble, RTL AdAlliance и други. Притоа, претседател на жирито беше Еди Адеџи, раководител на комерцијални операции во Publicis Media EMEA.
Главната Grand Prix награда ѝ беше доделена на кампањата „Saving the Voice of the Ghetto“ од агенцијата Saatchi & Saatchi Poland за POLIN – Музејот на историјата на полските Евреи, препознаена како вистинско ремек-дело што воспостави нов креативен репер, претворајќи ја технолошката и AI-иновацијата во длабоко човечко и емотивно искуство.
Овогодишното издание исто така означува значајна пресвртница со воведувањето на „National Federation Award“ – ново признание што ја издвојува државата чиј пазар покажал исклучителни резултати преку кампањи со извонредни достигнувања и значителен придонес кон унапредувањето на дигиталното огласување во Европа.
Првата ваква награда беше доделена на Германската асоцијација за дигитална економија (BVDW), благодарение на кампањите од германскиот пазар кои го постигнаа највисокиот вкупен резултат на натпреварот.
Сите добитници во рамки на 22 категории беа прогласени за време на виртуелна наградна церемонија, која ги обедини професионалците од индустријата од цела Европа и пошироко, во ден исполнет со признанија, увиди и инспирација.
Целосната листа на добитници може да се разгледа на следниот ЛИНК.


















