Агенциската мрежа McCann Worldgroup, четврта година по ред е добитник на наградата Golden Net за најуспешна агенциска мрежа на фестивалот Golden Drum. Наградата Golden Rose за најдобра адвертајзинг агенција беше доделена на Publicis Italy од Милано, а наградата Golden Dragon за најдобра независна адвертајзинг агенција беше доделена на SOK Media од Хелсинки.
На главната наградна церемонија на фестивалот Golden Drum беа доделени и наградите во WHAT и WHY натпреварите.
За најдобра кампања во натпреварувањето WHAT беше прогласена „Hate Couture“ на брендот Diesel од агенцијата Publicis Italy. За најдобра кампања во натпреварувањето WHY беше прогласена „ThisAbles“ од McCann TLV за брендот IKEA. Оваа кампања, на креативните директори Елдад Вајнбергер, Надав Пресман, Сигал Абиди и Адријан Ботан, им ја донесе наградата Golden Watch за креативен директор на годината. Наградата Golden Drum Adriatic, поддржана од Telemach, беше доделена на McCann Beograd за кампањата „I (dis)own my child“. Истата кампања ја доби и новата награда The best of Genius Loci.
На фестивалот оваа година вкупно беа доделени 62 сребрени награди, 37 златни награди и 9 Grand Prix награди.
Целосната листа на победници можете да ја погледнете на следниот линк.
Натпреварот Young Drummers, заедно со словенечкото туристичко биро, им даде можност на младите креативци под 30 години да се докажат на темата „Словенија, земја на чисти и здрави води.“ Наградата ја доби Кристина Прибицер од Австрија за делото „Mythical Water-Creatures“.
Со главната наградна церемонија успешно заврши и овогодинешното, 26-то издание на фестивалот Golden Drum, кој оваа година во Порторож, Словенија, на едно место собра околу 1000 посетители.