“Ајварот” и “домашната лутеница” на македонскиот бренд MAMA’С се закитија со два златни медала и Диплома за квалитетен и оригинален пазарен производ на меѓународниот саем што од 9 до 12 ноември се одржува во Интер експо центарот во Софија, Бугарија. Ова признание МАМА’С го доби во конкуренција на повеќе од 420 изложувачи.
„Наградите се само дополнителна потврда за квалитетот и оригиналноста на нашите производи. Како бренд кој ја претставува македонската, но и балканската кујна, целосно сме вложени во развој на производи кои ќе ги задоволат вкусовите и на најпребирливите потрошувачи. Оваа награда за нас е големо задоволство, но и голема обврска да бидеме уште подобри и да ги прошируваме пазарите каде можат да се најдат нашите производи“ – вели Калин Бабушку, бренд менаџер на МАМА’С.
Досега МАМА’С има добиено повеќе награди и признанија за своите производи, меѓу кои и наградата за Топ Деликатесни производи во Чешка, како и годинешната награда „Креатори на столетието“ во Дубровник, Република Хрватска.