На 30-ти јануари, во 20:00 часот, во организација на Фото Сојузот на Македонија, во Културно Информативниот Центар во Скопје ќе се одржи промоција на Монографијата „Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020“.
Монографијата е капитално дело и е единствена од ваков вид, со вовед во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија.
Поддржана како Проект од национален интерес од страна на Министерството за култура и спонзорирана од Халкбанк АД Скопје, монографијата претставува пресек на речиси 80 годишно творештво на автори членови на Фото сојуз на Македонија.
На промоцијата ќе има и изложба на автентични дела од Архивата на Фото сојуз на Македонија кои премиерно се претставуваат на пошироката јавност.
Се работи за дела на автори од калибарот на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Кирил Билбиловски, Лазо Величковски, Ѓорѓи Гога Попов, Живко Јаневски, Благоја Бањански, Александар Цветиновски, Ацо Кондев, Владо и Лазо Плавевски, Билјана Јуруковска, Владимир Тодоров па се до Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Валентин Малинов, Раде Луковиќ, Драги Неделчевски и секако автори од помладата генерација.
На промоцијата ќе може и да се купи Монографијата на штандот на Чудна шума Арт.